МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(20 – 26 декември: Активности во идниот живот)

„Мојот дел зафати пријатни места; да, добив прекрасно наследство.“ (Псалм 16:6; Библија)     

Чувствата на љубов и наклоност, кои Сам Бог ги всадил во душата, таму ќе најдат најдобра и најубава примена. Чиста врска со светите суштества, складен заеднички живот со возвишените ангели, и со верниците од сите времиња, кои ги испрале и избелиле своите облеки во крвта на Јагнето; света врска која меѓусебно ги соединува сите „чеда на Божјата фамилија, и на небесата и на земјата“, (Ефесјаните 3:15; Библија), сето ова среќата на искупените ќе ја прави потполна.     

Меѓу искупените се наоѓаат и Христовите апостоли: херојскиот Павле, огнениот Петар, омилениот и љубезен Јован и нивните верни браќа, а со нив и огромно мноштво на маченици.     

Небото е преполно со радост и одѕвонува со изрази на благодарност кон Оној Кој што ја поднесе чудесната жртва за искупување на човечкиот род. Зарем не би требало и заедницата на земјата да биде исполнета со благодарност? Зарем не би требало христијаните да му објавуваат на светот колку е убаво да Му се служи на Христа? Оние што сакаат на небото да му се придружат на ангелскиот хор во оддавање на благодарност на Бога, мораат уште овде да ја учат небесната песна чијшто основен тон е оддавање на благодарност.     

На небото сѐ е благородно и возвишено. Никој не мисли само на себе, туку и за интересите и среќата на другите. Најголемата радост на тие свети суштества е да допринесуваат за радоста и среќата на оние кои ги опкружуваат.     

Кога ќе ве снајдат искушенија и кога се чувствувате осамени, настојувајте својот поглед од овој мрачен свет да го насочите на блескавата слава на небото. Своето внимание и љубов посветете ги на радостите на небото, и тогаш нема толку длабоко да ве потресуваат искушенијата и разочарувањата на овој живот, бидејќи ќе бидете свесни дека во домот на славата имате круна, харфа, и Го имате Драгиот Спасител. Борете се за тоа благословено наследство кое Бог го припрема за оние кои Го љубат Него и ги држат Неговите заповеди.    

Pin It on Pinterest