МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(15 – 21 ноември: Оние што ќе победат)
„Ја знам добро: мојот Избавител живее и Тој во последно време ќе застане над земјата. А кога мојата кожа се раскине, тогаш знам, во своето тело ќе го видам Бога.“ (Јов 19:25.26; Библија)
Во личните доживувања на секој од нас има моменти на големи разочарувања и крајна малодушност, кога чашата на болката мораме да ја испиеме до самото дно, и кога е тешко да се верува дека Бог е сѐ уште добротвор за своите земски деца и полн со љубов кон нас, кога душата ќе ја обземе немир и кога попрво би посакале смрт отколку живот. Во таквите моменти многумина ја губат довербата во Бога и стануваат робови на сомнежот и се склони кон неверување. Кога во таквите моменти со своето духовно сетило за вид би можеле да проникнеме во смислата на Божјото провидение, би виделе ангели како се трудат да нѐ спасат од нас самите, да нѐ изведат на тло коешто е попостојано од вечните планински врвови, и тогаш во нас би проструела нова вера и нов живот.
Во деновите на мака и тешка несреќа, праведниот Јов рекол: „Душата моја повеќе ја сака смртта отколку ова тело. Ми здосади; не сакам да живеам повеќе. Помини преку мене, зашто моите денови се само еден здив.“ (Јов 7:15.16; Библија)
Но на Јова, иако тој бил толку многу уморен од мачниот живот, не му било дадено да умре. Му било укажано дека постои можност за посреќна иднина, и му била упатена вест на надеж: „Ќе стоиш постојано, и нема да се плашиш. Ќе заборавиш на маката своја како водата што протекува.“ (Јов 11:15.16; Библија)
Патријархот сепак и од најголемите длабочини на очај и малодушност се воздигнал до прекрасните висини на цврста вера и доверба во милоста и спасоносната Божја сила. Тогаш извикал победоносно: „Ете, и да ме убие, пак ќе се надевам на Него, и Тој ќе ми биде спасение.“