МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(15 – 21 февруари: Плодови на Светиот Дух)

„А праведникот ќе живее од својата вера.“ (Хабакук(Авакум) 2:4; Библија)

Во една прилика, размислувајќи побожно и длабоко за иднината, пророкот Хабакук рекол: „Ќе застанам на својата стража, ќе се поставам на кулата, ќе внимавам да видам, што ќе рече Господ.“ (Хабакук(Авакум) 2:1; Библија) Во Својата милост, Господ му го дава следниот одговор: „Запиши го видението, врежи го врз плочки, та поминувачот да го чита лесно. Праведникот ќе живее од својата вера.“ (Хабакук(Авакум) 2:2.4; Библија)

Верата којашто го крепела и јакнела Хабакук, и сите свети и праведни луѓе во тие денови на големи искушенија, не се променила, таа иста вера и денес треба да го крепи и одржува Божјиот народ. И под најтешките околности, вистинскиот христијанин може да се одржи напојувајќи ја својата душа на неисцрпниот извор на светлина и сила. Неговата надеж и храброст можат непрекинато да се обновуваат со вера и доверба во Бога. „Праведникот ќе живее од својата вера.“ Во службата за Бога луѓето не треба никогаш да очајуваат, да се колебаат или да стравуваат. За оние кои својата доверба и надеж ги положуваат врз Него, Господ ќе направи дури и повеќе отколку што бараат и очекуваат. Тој ќе им подари мудрост каква што изискуваат нивните најразлични потреби.

Ние мораме да ја одгледуваме и поседуваме верата за која сведочеле пророците и апостолите, верата која цврсто се фаќа за Божјото ветување и чека на ослободување во време и на начин којшто Тој го одредил. Најсигурната пророчка реч ќе најде свое потполно исполнување во славното доаѓање на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Кој ќе се појави како Цар над царевите и Господар над господарите. Времето на чекање можеби ќе се оддолжи, обесхрабрувачките околности можеби ќе нѐ направат малодушни, мнозина во кои сме имале доверба, можеби во текот на патувањето ќе се сопнат, па можеби и ќе паднат; но ние заедно со пророкот кој настојувал да ги охрабри Јудејците, во време на беспримерно отпадништво, со сигурност и доверба треба да повторуваме: „Но Господ е во својот храм: сета земја нека замолчи пред Него.“ (Хабакук(Авакум) 2:20; Библија) Да ја имаме секогаш на ум охрабрувачката порака: „Зашто видението е сепак за определено време: брза кон исполнувањето, и нема да излаже; па, и ако се забави, чекај го, зашто навистина тоа ќе дојде и не ќе се забави.“ (Хабакук(Авакум) 2:3; Библија)

Pin It on Pinterest