МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(16 – 22 август: Како да бидам добар ближен)
„На Господа Му беше мило дека Соломон молеше за тоа. Затоа Господ му рече: ‘Еве ти давам мудро и разумно срце.’“ (1 Цареви 3:10.12; Библија)
Соломон во својата младост верно одел по патот на својот татко Давид. Повеќе од секакво овоземско богатство, барал Бог да му подари мудро и разумно срце. Со силата на својот разум, со степенот на своето знаење и со славата на своето валдеење, Соломон предизвикал воодушевување во целиот свет.
Името на Господа силно се величало и се славело во првиот дел од неговото владеење. Царевата исклучителна мудрост и правичност им сведочиле на сите народи во светот за совршените својства на Бога на Кого Му служел.
Израел одразувајќи ја големината на Господа, за извесно време навистина бил светлина на светот. Меѓутоа, славата на првобитното Соломоново владеење не била резултат на неговата голема мудрост, големото богатство, далекусежната моќ и добриот глас што го уживал, туку последица на укажување на почит кон името на Израелевиот Бог и мудрото користење на небесните дарови.
Како што годините поминувале, а неговата слава сѐ повеќе растела, Соломон се трудел да Го прослави Бога зголемувајќи ги своите умни и духовни сили и делејќи ги со другите благословите што ги примал од Него. Никој подобро од него не можел да сфати дека својата моќ, мудрост и расудување ги стекнал благодарејќи на Божјата милост, и дека тие дарови го обврзуваат на светот да му понуди знаење за Царот над царевите.
Кога човекот е обратен кон вистината, работата на преобразувањето на карактерот несметано напредува. Тој тогаш сѐ повеќе напредува во разбирање на вистината и Му станува послушен на Бога.
Божјиот ум и волја стануваат и негова волја; и постојано барајќи совет од Бога, тој станува човек со потполно развиен ум. Само под безусловно водство на Божјиот Дух умните способности можат потполно да се развијат.