МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 септември: Посветувачката сила на вистината)

„Отворете ги вратите! Нека влезе праведниот народ, кој ја пази вистината.“ (Исаија 26:2; Библија)

Божјата вистина мора да биде во нашето срце и мораме одлучно да се бориме во Господовите битки, ако сакаме во конечниот триумф на вистината да излеземе како победници, затоа што вистината ќе триумфира славно. Ако тежнеете кон тоа да бидете благослов за другите, Бог обилно ќе ве благослови. Да го внесеме во својот живот сето она што е добро, возвишено и благородно, за да можеме да го прославиме Бога и да послужиме на благослов на човечкиот род.

Црквата е Божје претставништво во светот задолжено за објавување на вистината; таа е ополномоштена лично од Бога да изврши посебна задача, и доколку Му остане потполно верна, покорувајќи Му се на сите Негови заповеди, во неа ќе се наоѓаат сите обилни и превозвишени божествени благодети. Доколку остане верна во својата послушност и верност почитувајќи го Господа Бога Израилев, нема да постои сила којашто ќе може да ѝ се спротивстави.

Ревноста за Бога и за Неговото дело ги поттикнувала учениците со голема сила да сведочат за Евангелието. Зарем не треба исто таква ревност да го обземе и нашето срце со одлучност да зборуваме за историјата на таа љубов којашто спасува, за Христа и тоа распнатиот? Предност за секој христијанин е не само да очекува, туку и да го забрза доаѓањето на нашиот Спасител.

Кога Божјата Црквата вистински ќе се облече во облеките на Христовата праведност, и ќе се ослободи од секаква приврзаност кон овој свет, пред неа конечно ќе заблеска утрото на светлиот и величествен ден. Божјето ветување што ѝ е дадено ќе остане цврсто и постојано засекогаш. Тој ќе ја направи вечно возвишена, на радост на многу поколенија. Вистината триумфално ќе помине покрај многу коишто ја презреле и отфрлиле. Иако понекогаш изгледа споро, нејзиното напредување никогаш нема да биде запрено. Кога Божјата порака наидува на противење, Тој ѝ додава нова сила за да го зајакне нејзиното влијание. Обдарена со божествена сила, таа ќе си го пробие патот и низ најјаките бариери, и триумфално ќе ја совлада секоја препрека.

Pin It on Pinterest