МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(18 – 24 октомври: Христос во мојот живот)

„Зашто за тоа сте повикани, зашто и Христос страдаше за вас и ви остави пример, за да врвите по Неговите стапки.“ (1 Петрово 2:21; Библија)

Христос е наш пример во сѐ. Во склад со Божјото провидение, Тој Својата младост ја поминал во Назарет, чиишто жители биле такви што постојано бил изложен на искушенија, и за да остане чист и беспрекорен во опкружувањето, коешто било толку многу обземено со грев и безаконие, постојано морал да внимава. Таквото опкружување Христос не го избрал Самиот за Себе. Во таква средина Го упатил Неговиот небесен Татко, за Неговиот карактер да може да биде искушуван и проверуван на различни начини. Христос уште од Својата рана младост бил изложен на остри искушенија, потешкотии и судири, за да би можел да развие беспрекорен карактер, што Го сторило да стане совршен Пример за децата, за младите и за возрасните луѓе.

Со Својот живот, Христос покажал практично дека чистота, стабилност и цврстина на начелата можат да поседуваат и оние кои во својот живот не се слободни од неволји, сиромаштија и немаштија. Животните искушенија и сиромаштијата на којашто младите толку често се жалат, Христос ги поднел без ниеден збор на незадоволство.

Таквата дисциплина е токму она искуство коешто им е потребно на младите, искуство коешто ќе им даде цврстина на нивните карактери, и ќе ги направи слични на Христа, силни по дух и подготвени да им се спротивстават на искушенијата. Тогаш ќе се отстрануваат од влијанието на оние коишто би ги заведувале да застранат и да го изопачат својот морал, и нема да бидат надвладеани од сатанското лукавство. Преку секојдневна молитва тие ќе примат сила од Бога од сите судири на суровата животна стварност да излезат како победници. Верноста и спокојството на духот можат да се зачуваат со постојана будност и со молитва.

Христовиот живот е пример на истрајност којашто не дозволува да се обесхрабри од никакви напади, исмевања, сиромаштија и тешкотии.

Оние коишто ќе ја сочуваат и цврсто ќе ја одржат својата чесност под обесхрабрувачки околности ќе зајакнат духовно и ќе бидат сѐ поиздржливи и сѐ попостојани во верата.

Pin It on Pinterest