МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 декември: Новата земја – прекрасен дом)

„Нејзиниот ѕид беше изграден од јаспис, а градот од чисто злато, како чисто стакло. Основите на градскиот ѕид беа украсени со секаков вид скапоцени камења.“ (Откровение 21:18.19; Библија)     

Убавиот Божји град има дванаесет капии украсени со најблескотни бисери, и дванаесет темели, секој во поинаква боја. Улиците на градот се обложени со чисто злато.    

Во градот се наоѓа Божјиот престол од кој што извира прекрасна река на жива вода, бистра како кристал, река која со својата кристална бистрина и со своето непрекинато жуборкање го развеселува Божјиот град. Спасените ќе можат слободно да пијат од таа лековита и животодавна вода, од реката на животот.     

На лицето на секој спасен ќе се огледа ликот на нивниот Искупител; и наместо трагови на загриженост, немир и претрпени маки, од лицата ќе им зрачи беспрекорно чиста насмевка.     

Ќе се дружиме со ангели, со воскреснатите свети и со мачениците, но она што ќе ни носи најголема радост ќе биде присуството на нашиот драг Спасител, кој што страдал и умрел за ние да можеме да ја уживаме таа неискажана среќа и слобода. Неговото лице посјајно од сонцето, ќе ја осветлува убавината на градот и неговата околина.      

Меѓу спасените ќе има и многу деца и мали. Тие никогаш нема да се впуштаат во кавги и расправии. Нивната меѓусебна љубов ќе биде срдечна и света. Тие исто така ќе имаат златни венци на главите и харфи во рацете. Нивните детски лица, на кои што овде толку често гледаме неспокојство и збунетост, ќе бидат озарени со света радост, одразувајќи ја нивната совршена слобода и среќа.    

Овенчани во слава, во придружба на своите златни харфи, спасените ќе пејат за искупителната љубов, и ќе Го слават Бога во среќата и славата на новата земја. Тие потполно ќе заборават на своите неволји и патила од овој свет. Насмевката на Христовото одобрување, постојано ќе ги следи, правејќи ја нивната среќа потполна. Идниот дом на светите навистина ќе биде прекрасен.

Pin It on Pinterest