МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 јули: Дружељубивост во семејството)

„А вие сте избран род, царско свештенство, свет народ, народ придобиен, за да ги прогласите славните дела на Оној, Кој ве повика од темнината во Својата чудесна светлина.“ (1 Петрово 2:9; Библија)

Таткото, принесувајќи ја утринската и вечерната жртва на семејниот олтар, во извесна смисла е и свештеник во семејството. Сопругата и децата треба да му се придружат во молитвата и изразите на благодарност преку песна. Секое утро, пред да појде на својата секојдневна работа, тој треба да ги собере своите деца околу себе и клекнувајќи пред Бога, да му ги довери на Негова грижа. Кога грижите, работите и обврските предвидени за тој ден ќе се приведат кон крајот, семејството повторно треба да се здружи во молитва и песна на благодарност, признавајќи ја божествената заштита којашто ги следела во текот на изминатиот ден. Не пропуштајте ниту една можност членовите на своето семејство да ги соберете околу семејниот олтар.

Во напорите на своите гости да им обезбедиме удобност, среќа и задоволство, не смееме да ги запоставиме своите обврски кон Бога. Часот за молитва не треба да се занемари од било какви причини. Немојте да го продолжувате толку многу за да се преморат сите и времето за богослужение да им стане непријатно. Тоа би значело да му се принесе саката жртва на Бога. Во раните вечерни часови, кога можеме да Му се помолиме на Бога без брзање и со разбирање, да ги принесеме своите молитви и да го подигнеме својот глас во благодарност.

Нека оние, коишто како гости или посетители дојдат во христијанскиот дом видат дека часот за молитва е најдрагоценото и најсреќното време во текот на денот. Тие моменти од богослужението вршат посветувачко и облагородувачко влијание врз сите оние коишто присуствуваат, донесувајќи и мир и вистинско спокојство на душата.

На пламенот кој постојано гори, колку и да е мал, можат да се потпалат и други светилки. Чудесни можности се пред нас ако верно и совесно ги искористуваме можностите што ни се нудат во сопствениот дом. Ако своето срце и својот дом им го отвориме на божествените начела на животот, ќе станеме канали на живототворната сила. Од нашите домови ќе потечат потоци кои донесуваат здравје, убавина и плодност таму каде што сега е неплодна пустина.

Pin It on Pinterest