МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(18 – 24 јануари: Библијата во мојот живот)
„О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење! Колку се недостижни Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33; Библија)
Во Светите Списи илјадници драгоцености на вистината остануваат сокриени за површниот истражувач. Рудникот на вистината никогаш не може потполно и целосно да се исцрпи. Доколку повеќе ги претражувате Светите Списи со понизно срце, вашето интересирање ќе станува сѐ поголемо и поголемо, и сѐ повеќе ќе чувствувате потреба заедно со Павле силно да воскликнете: „О длабочино на богатството, премудроста и Божјото знаење!“
Секој ден треба да научите нешто ново од Светите Списи, претражувајте ги како сокриено богатство, затоа што содржат зборови за вечен живот. Молете се за мудрост и разбирање да ги сфатите тие свети записи. Ако така постапувате ќе пронајдете нова убавина во Божјото слово – Библијата и ќе почувствувате дека сте примиле нова и драгоцена светлост во погледот на прашањата поврзани со сегашната вистина, и Светото Писмо во вашите очи ќе добива сѐ поголема и поголема вредност.
Големите вистини битни за нашето спасение за искрениот истражувач се покажуваат толку јасни како пладне. Еден единствен стих – се покажало во минатото, а ќе се покаже и во иднината – може да претставува мирис на живот за живот на многу души. Додека луѓето марливо претражуваат, Библијата открива нови богатства на вистината, коишто како блескотни драгоцености го засенуваат умот.
Морате длабоко да продрете во рудникот на вистината ако сакате да допрете до неговите најголеми богатства. Споредувајќи стих со стих ќе го откриете вистинското значење на одреден текст; но доколку светите учења на Божјото слово не ви бидат правила и водичи во вашиот живот, вистината за вас нема да значи ништо. Ако прочитаниот текст на било кој начин осуди некоја ваша навика, некое чувство на кое што му попуштате или духот што го негувате, не одвраќајте се од Божјото слово, туку отфрлете ги своите нечисти постапки и дозволете Му на Исуса да го очисти и посвети вашето срце.