МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(13 – 19 септември: Посветувачката сила на вистината)

„И да ги избистри очите на вашето срце, за да знаете каква е надежта на Неговото повикување, колкаво е богатството на Неговото славно наследство во светите.“ (Ефесјаните 1:18; Библија)

Секое вистинско знаење и вистинит развој својот извор го имаат во познавањето на Бога. Било каде да се свртиме во физички, ментален или духовен домен, било што да гледаме, освен смртоносните последици на гревот, насекаде и во сè се открива тоа сознание.

Со која гранка на истражување и да се бавиме во искрена намера да ја дознаеме вистината, доаѓаме во допир со невидливиот, моќен Ум којшто делува во сè и преку сè. Така човечкиот ум доаѓа во врска со Божјиот ум, ограничениот со Неограничениот. Влијанието на таквата врска врз телото, умот и душата не е можно вистински да се процени.

Токму во таквата поврзаност се наоѓа највозвишеното воспитување. Тоа е божествен метод на развој. „Запознај се со Бога и помири се“ – гласи пораката до човечкиот род.

Додека човекот проучува теми „во кои и ангелите сакаат да вникнат“, и длабоко размислува за тоа, може да стане нивен сопатник.. Може, уште додека е на овој свет да живее во атмосферата на небото, давајќи им надеж на тажните и искушуваните и будејќи во нив копнеж за светост.

Доаѓајќи така во сè потесна врска со Невидливиот, истражувачот на вистината, слично на Енох, којшто еднакво одеше со Бога, приоѓа сè поблиску и поблиску до прагот на вечниот свет, сè додека не се отвори вратата, и тој не влезе во славата.

Тој таму нема да се чувствува како странец. Гласовите што ќе го поздрават таму, се гласовите на светите коишто на светот биле негови невидливи сопатници, гласови коишто уште овде научил да ги препознава и да ги сака. Оној којшто со посредство на Божјата Реч овде на земјата живее во Заедница со небото, во небесното друштво ќе се чувствува како во свој дом.

Воден од Духот на вистината, ќе биде упатен во секоја вистина, а во очите на небото ќе биде извонредно почитуван.

Pin It on Pinterest