МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(14 – 20 јуни: Приодите до среќата секогаш достапни)
„Ловете ги лисиците, малите лисици, што ги оштетуваат лозјата, нашите лозја во цутењето.“ (Песна над песните 2:15; Библија)
Среќата во животот е многу поврзана со верноста во обичните животни должности. Занемарувањето на ситниците, коишто можат да изгледаат сосема безначајни, ја трујат и уништуваат животната среќа. Збирот на верно извршените т.н. ситни должности ја сочинуваат вистинската среќа којашто треба да ја реализираме во овој живот. Оној, којшто е верен во малку, исто така е верен и во многу, а оној којшто е неверен и нечесен во малку, ќе биде исто таков и во поголемите должности.
Сѐ додека не сте во состојба со радост и задоволство да ги извршувате должностите што ви се доверени, не сте достојни да ви се доверат поголеми и повозвишени должности. Некој мора да ги прифати и скромните задачи коишто се поставуваат пред нас; а оние коишто извршуваат такви задачи треба да бидат свесни дека извршуваат неопходна и чесна работа, и дека со својата мисија, колку и да изгледа скромна, соработуваат во Божјото дело исто онака како и ангелот Гаврило кога Господ им го испраќал на пророците.
Токму тие т.н. ситници во животот развиваат духовност кај луѓето и одлучуваат за нивниот карактер. Со своите зборови, со тонот на гласот, со својата гестикулација и со самиот поглед, вие можете да го покажувате или да не го покажувате Христовиот дух. Оној којшто ги занемарува тие ситници, а си ласка на себеси дека е подготвен да направи нешто големо за Учителот, е во опасност да доживее неуспех во сѐ. Животниот успех не се состои од големи достигнувања, туку токму од таквите ситници.
Погледнете го под микроскоп најмалото и најобичното цвеќе покрај патот, и ќе ве восхити извонредната убавина и совршенство на сите негови делови. Така и во најскромната животна судбина може да се најде вистинска возвишеност; најобичните должности, извршени верно и со љубов, се прекрасни во Божјите очи. Ситните вниманија, дела на љубов и самопожртвување со коишто животот зрачи неприметно, какошто мирисот се шири од цвеќето – тоа сочинува не така мал дел од благословите и среќата на животот.