МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)

„Кој е меѓу вас мудар и разумен? Со добро владеење нека ги покаже своите дела во мудра смиреност.“ (Јаков 3:13; Библија)

Колку ли гревови би можеле да се спречат и избегнат со едно вакво доследно однесување! Колку ли заскитани души од погрешни патишта би можеле да се вратат на вистинскиот пат на овој начин! Со примерен живот, доследно однесување и доследни разговори, припадниците на Божјиот народ треба и можат на дело да ја покажат силата на големите вистини што им ги дал Бог.

Голема е спротивноста помеѓу оние коишто за себе мислат дека се мудри и оние коишто Бог навистина ги обдарил со мудрост, затоа што своите способности не ги користат за да ги понижуваат и уништуваат другите. Човекот може да зборува прекрасно и беспрекорно, но ако во својот живот тоа не го поткрепува со добри дела, тоа е само човечка мудрост. Вистинската мудрост е полна со благородност, љубов и милост. Световната политика што луѓето ја нарекуваат мудрост, пред Бога е само лудост. Мнозина во црквата доживуваат духовен бродолом само затоа што се задоволуваат со таква мудрост. Тие ги пропуштаат можностите да стекнат вистинско знаење и истото правилно да го употребат, затоа што не сфаќаат дека за успех во мудрото ракување со талентите што им се поверени, е неопходна Христовата делотворност. Тие не се снабдуваат со она што го нуди небото, и вредноста на нивните залихи во духовната размена на добрата што им се доверени е во постојано опаѓање.

Не е доволно само да се има знаење. Неопходна е и способност за правилна употреба. Бог нѐ повикува да покажеме добро однесување, слободно од секаква грубост, жестина и суета. Никогаш не изговарајте ниту еден збор на вообразеност, ниту на грубо заповедање, затоа што таквите зборови предизвикуваат судири. Подобро кажувајте зборови коишто внесуваат светлина, знаење и нови информации, зборови коишто обновуваат и воздигнуваат. Зборувајќи така што неговите зборови одѕвонуваат како музика во душата на оние за коишто се залага и на коишто им е потребно охрабрување, човекот покажува вистинска мудрост. Кога срцето е чисто, од него ќе потече вистинско богатство на мудрост.

Pin It on Pinterest