МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(10 – 16 мај: Основни услови за духовно здравје)

„И на седмиот ден Бог ги заврши Своите дела, што ги направи. И се одмори во седмиот ден од сите Свои дела, што ги направи. И Бог го благослови седмиот ден, и го освети, зашто во него се одмори од сите Свои дела, кои ги создаде Бог и ги направи.“ (Битие 2:2.3; Библија)

Бог, седмиот ден го издвоил како време за одмор, за доброто на човекот, и на слава и фала за Себе. Тој видел дека човековите потреби бараат еден ден одмор од секојдневните напори и грижи, затоа што човековото здравје и живот би биле загрозени ако во текот на седмицата не би имал еден таков ден за да се ослободи од своите грижи и обврски.

Саботата треба да биде вистински благослов за нас и за нашите деца. Тој ден на децата можеме да им укажуваме на расцветаното цвеќе, на пупките кои штотуку се отвараат, на високите дрвја и прекрасните зелени тревници, поучувајќи ги дека сето тоа Бог го создал за шест дена, а во седмиот ден се одморил и тој ден го благословил. Поуките коишто им ги упатуваат на своите деца, родителите можат така успешно да ги поврзат, така што, секогаш кога децата ќе погледнат на убавината на природата, нивните мисли да се воздигаат кон големиот Творец, Којшто го создал сето тоа. Нивните мисли ќе се воздигаат кон Богот на природата, и ќе се враќаат на создавањето на светот, кога биле поставени темелите на саботата, и кога Божјите синови биле исполнети од радост.

Среќно е семејството кое, поаѓајќи во сабота на местото на богослужение, слично на Христа кога со Своите ученици одел во синагогата, поминува преку родните полиња, покрај брегот на езерото, или преку зелените шумички.

Саботата нѐ упатува, набљудувајќи ги создадените дела во светот на природата, да Го славиме нивниот Творец. Сакајќи токму тоа да го сфатиме, Христос, Своите драгоцени поуки ги поврзувал со убавините на природата. На светиот ден за одмор, повеќе отколку било кој друг ден, треба да ја проучуваме пораката којашто Бог за нас ја запишал во природата. Христовите параболи треба да ги проучуваме токму таму каде што Тој ги изговорил: во полето и шумата. Приближувајќи му се така на срцето на природата, уште пореално ќе го почувствуваме Христовото присуство, и ќе го слушаме Неговиот глас како му зборува на нашето срце за Својот мир и Својата љубов.

Pin It on Pinterest