МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)

„Го наполнив со Божји Дух, кој му даде умеење, разбирање и способност за секакви работи.“ (Излез 31:3; Библија)

За да најдете мудрост не е потребно да одите на крајот на светот, затоа што Бог ви е толку близу. Тој сака цврсто да се фатите за Неговата рака и од Него да очекувате големи нешта. Тој сака да ви подари разбирање, не само во духовниот, туку и во овоземскиот живот. Тој може да го изостри вашиот интелект, да ви подари тактичност и вештина.

Применете ги своите таленти во пракса, барајте мудрост од Бога, и таа ќе ви биде дадена.

На секој оној којшто својата волја постојано му ја потчинува на Бесконечниот и дозволува Тој да го учи, му е ветен непрекинат развој во духовното спознавање. Бог не поставува никакви ограничувања за оние коишто се исполнети со познавањето на Неговата волја во секоја премудрост и духовно разбирање.

Оние коишто, свесни поради својата слабост, за успех во работата се потпираат на Бога, Тој ќе ги обдари со изобилство на мудрост. Додека од ден на ден се потпираат на Бога, творејќи ја понизно и искрено, од цело срце, Неговата волја, ќе напредуваат во стекнување на знаење и развој на своите способности. Со својата вистинска подготвеност на послушност, тие покажуваат стравопочитување кон Бога, и Тој со Своите обилни дарови во знаење и способности, тоа дарежливо им го возвраќа.

Случајот на Даниел и неговите другари на вавилонскиот двор ни го открива фактот дека Бог е секогаш подготвен да ги слушне и послуша молитвите на искрената и понизна душа. Кога ќе побараме нешто од сето срце, Тој ќе ја услиши нашата молитва. Овде се крие одговорот на прашањето од каде Даниел имал такви способности и таква мудрост.

И ако само од Бога бараме мудрост, и ние исто така можеме навистина да бидеме благословени со непрекинато зголемување на способностите и силата што само Тој може да ја даде.

Pin It on Pinterest