МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(13 – 19 декември: Новата земја – прекрасен дом)
„Сега знам делумно, но тогаш ќе сознам целосно, како што и јас бев самиот наполно познат.“ (1 Коринтјаните 13:12; Библија)
Во небесните дворови ќе се сретнеме за никогаш повеќе да не се разделиме. Во нашата небесна татковина ние ќе се препознаеме едни со други.
Искупените ќе ги сретнат и препознаат оние што нивното внимание им го насочиле кон Спасителот. Каков ли разговор ќе водат со тие души! „Бев грешник“, ќе рече еден, „без Бога и без никаква надеж во светот, а ти дојде и ми го насочи вниманието на Спасителот, како на моја единствена надеж.“ Другиот ќе вели: „Јас бев незнабожец. Ти ги напушти своите и удобноста на својот дом, и дојде да ме научиш како да Го најдам Христа и да поверувам во Него. Ги уништив своите идоли, и одлучив да Му служам на вистинскиот Бог, а сега го гледам лице в лице.“
Други, својата благодарност ќе ја изразуваат со зборовите: „Кога очајот ја опкова мојата душа со неверие, самиот Бог те прати да ми кажеш зборови на утеха и надеж. Носејќи ми храна за да ми ги задоволиш моите телесни потреби, ми го отвори Светото Писмо, укажувајќи ми и на моите духовни потреби. Ме прифати како брат. Сочувствуваше со мене во моите страдања, и го поврати животот на мојата скршена и ранета душа, така што можев цврсто да се фатам за Христовата рака, која беше испружена за да ме спаси. Стрпливо во моето незнаење ме учеше дека на небото имам Татко Кој и за мене се грижи. Ми читаше драгоцени ветувања од Божјото слово. Ја разбуди во мене верата дека Бог и мене сака да ме спаси. Додека размислував за жртвата што Исус ја поднел за мене, моето срце омекна, се скрши и јас му се предадов на Бога. Сега сум овде, спасен сум, засекогаш спасен во присуството на Оној Кој што го дал животот заради мене.“
Каква радост ќе доживеат тие спасени кога ќе се сретнат и ќе се поздрават со оние кои се залагале за нив! А со какво задоволство ќе заиграат срцата на оние кои живееле, не да си угодуваат себеси, туку да бидат благослов за оние кои што во овој живот имале толку малку радост.