МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)

„Затоа е дозволено да се прави добро во сабота.“ (Матеј 12:12; Библија)

Саботата според четвртата заповед е посветена за одмор и за верски богослуженија. Сите овоземски работи треба да се остават, но делата на милосрдие и доброчинство одговараат на Божјата намера. Таквите дела не можат да се ограничуваат со времето и просторот. Да се ублажат страдањата на болните, да се тешат ожалостените, тоа е работа на љубовта со која се чини чест на светиот Божји ден.

Животните потреби мораат да бидат задоволени, болните мораат да се негуваат, оскудицата на сиромашните мора да се ублажи. Нема да биде без вина оној што во сабота занемарува да помогне во ублажување на страдањата на слабите. Божјиот свет ден е создаден заради човекот, а делата на милосрдие се во совршен склад со намерата на саботата. Бог не сака Неговите созданија да поднесуваат ниту еден час болка која може да се отстрани во сабота или во било кој друг ден.

Саботата не е одредена да биде време на бескорисна неактивност. Законот забранува световна работа на светиот ден на Божјиот одмор; напорната работа со која заработуваме за секојдневните животни потреби мора да се изостави; никаква работа за световни задоволства или за стекнување на корист на тој ден не е во склад со Законот; туку како што Бог престанал со Својата дејност за време на создавањето, се одморил во саботата и ја благословил, така и човекот треба да ги напушти своите секојдневни преокупации и тие свети часови да ги посвети за здрав одмор, богослужение и свети дела. Христовото дело на исцелување на болниот човек било во совршен склад со Законот. Со тоа и била оддадена почест на саботата.

Работата на ублажување на страдањата, според изјавата на нашиот Спасител, претставува дело на милосрдие, а не престапување на саботата.

Потребите на човечките суштества што патат од болести, никогаш не смеат да се занемарат. Спасителот, со Својот личен пример, ни покажал дека на болните и во сабота треба да им се укаже помош. Меѓутоа, оние работи кои не се неопходни треба да се одложат за друг ден.

Pin It on Pinterest