МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)

„Ви оставам мир, ви го давам Мојот мир. Не ви го давам како што го дава светот. Нека не се вознемирува вашето срце и нека не се бои.“ (Јован 14:27; Библија)

На земјата одсекогаш имало и секогаш ќе има, сè до самиот крај, и такви кои веруваат во Христа, но и такви кои што Го отфрлаат. Грешниците, колку и безбожни, одвратни и изопачени да биле во својот поранешен живот можат, со вера во Него и со покорување на Неговото Слово, да станат чисти и облагородени. Оние коишто Го отфрлаат Христа и не ја прифаќаат вистината се исполнуваат со огорчена омраза против оние коишто Го примаат Христа во своето срце како свој личен Спасител. Додека пак срцата на оние коишто Го примаат Христа, набљудувајќи ја Неговата љубов, Неговото понижување, патила и смрт заради нив, се растопуваат во нежно сочувство и во потполност Му се потчинуваат Нему.

Мирот којшто Христос им го дава на Своите следбеници и за којшто треба да се молиме, е мир кој што го донесува вистината, и којшто не се губи среде раздорите и несогласувањата. Однадвор може да има војни, борби, зависти, омрази и кавги; но Христовиот мир е нешто што светот не може да ни го даде, ниту да ни го одземе. Христос останувал смирен и тогаш кога бил опколен од најзлонамерното надгледување на шпионите и на најжестоките противења од своите непријатели. Ниту во еден случај не се обидел мирот да го купува со издавање на светата доверба.

Мирот не може да се создава со компромис кога во прашање се начелата. Голема грешка прават оние коишто како Божји деца се обидуваат провалијата помеѓу децата на светлината и децата на темнината да ја премостат со попуштање во начелата, компромитирајќи ја вистината. Тоа би значело жртвување на Христовиот мир за да се постигне мир или пријателство со светот.

Прескапа е жртвата што ја прават Божјите деца во настојувањето мирот со светот да го постигнат со попуштање во начелата на вистината. Затоа Христовите следбеници строго нека пазат никогаш да не направат компромис за сметка на вистината, во начелата да не прават никакви отстапки за да го задобијат одобрувањето и наклоноста на светот. За да не се случи, барајќи мир со светот, да го изгубат Христовиот мир.

Pin It on Pinterest