МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 јануари: Молитвата во мојот живот)
„И што и да побарате во Мое име, ќе направам.“ (Јован 14:13; Библија)
Бог никогаш нема да ја презре молитвата упатена со понизно срце и во скрушен дух. Да го отвориме своето срце пред нашиот небесен Татко, да ја признаеме својата потполна зависност од Него, да Му ги изнесеме своите потреби, и да Му изразиме благодарност којашто Му ја должиме – тоа е вистинска молитва.
Ангелите ја бележат секоја истрајна и искрена молитва. Попрво би требало да се одречеме од себичните задоволства отколку да го занемаруваме постојаното одржување на врска со Бога во молитва. Најголемото сиромаштво и самоодрекнување со Негово одобрување се подобри отколку сите богатства, почести, удобности и пријателства коишто Тој не може да ги одобри. Мораме да најдеме време за молитва. Ако дозволиме овоземските интереси да ги обземат нашите мисли и срце, Господ би можел да ни даде време со тоа што ќе ни ги одземе нашите идоли од злато – куќите и плодната земја.
Младите не би биле наведени на грев кога одлучно би одбиле да не тргнат по било кој пат, за којшто не може да се измоли Божји благослов. Кога оние коишто на светот му ја носат последната опомена би се молеле за Божји благослов, не ладно, рамнодушно и безживотно, туку истрајно и со вера, како Јаков, тогаш често би наоѓале места за кои, како и тој, би можеле да речат: „Го видов Бога лице во лице, и останав жив.“ (Битие 32:30; Библија) Небото би ги вброило во оние најблагородните коишто успеале да им одолеат и на Бога и на луѓето.
Вистинската молитва, упатена со вера, претставува сила за оној што се моли. Било да се упатува на јавен собир, крај семејниот олтар или во тајност, молитвата го доведува човекот во непосредно Божјо присуство. Со непрекинато одржување на врска со Бога во молитва, младите така можат да се зацврстат во верата што и најсилните искушенија нема да ги поколебаат во нивната верност на Бога.
Најголемите победи на Христовата Црква или на поедини христијани се постигнуваат во разговор на душата со Бога во тајна молитва, кога верата во душевната борба цврсто се фаќа за раката на семоќната сила.