МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)
„А кога ќе дојде Тој, Духот на Вистината, ќе ве упати во сета вистина, зашто нема да зборува Сам од Себе. Тој ќе Ме прослави Мене, зашто ќе земе од Моето и ќе ви се јави.“ (Јован 16:13.14; Библија)
Со овие зборови Христос го истакнува врвното дело на Светиот Дух. Светиот Дух Го прославува Христа во срцето на оној кој Го прима, и Спасителот за таквото човечко суштество станува врховен, најомилен и најзаслужен за почит.
Покајанието пред Бога и верата во Христа Исуса претставуваат вистински плодови на обновувачката и оживувачката сила на Светиот Дух. Покајанието претставува процес во кој душата тежнее да го одржува Христовиот лик пред светот.
На оние кои со сето свое битие Му се посветуваат на Бога, Христос им го дава здивот на Својот Дух, животот на Својот живот. Светиот Дух ги вложува своите најдобри енергии да делува во нивното срце и ум. Божјата милост ги проширува и умножува нивните способности, и целото совршенство на божествената природа ги потпомага во нивната работа на спасување на душите. Соработувајќи со Христа, тие стануваат совршени во Него, и во својата човечка слабост се оспособуваат да ги прават делата на Семоќниот.
Да Му се предадете во потполност на Христа и да станувате постојано сѐ посовршени и сѐ послични на Него, треба да биде животната задача за секој вистински христијанин. Синовите и ќерките Божји треба да напредуваат во својата сличност со Христа, својот Пример. Тие треба секојдневно да ја гледаат Неговата слава и длабоко да размислуваат за Неговата неспоредлива возвишеност.
О, кога би можеле да бидете крстени со крштевањето на Светиот Дух и проникнати со Неговата спасоносна и оживувачка сила! Тогаш од ден на ден би станувале сѐ послични на Христа, и при секоја постапка во својот живот сериозно би се прашувале: „Дали со тоа ќе Го прославам својот Учител?“ Со стрпливата истрајност во настојувањето да правите добро ќе тежнеете за непоминливата слава и чест, и ќе го примите дарот на бесмртноста.