МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(12 – 18 aприл: Напредување во знаењето и мудроста)
„Ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по сокриено сокровиште – тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога.“ (Пословици 2:3-5; Библија)
Никој нека не мисли дека повеќе нема знаење што треба да се стекнува. Длабочината на човековиот интелект може да се измери; делата на човечките автори можат да се совладаат, но и најдлабокиот, најширокиот и највисокиот полет на мечтата не може да Го достигне Бога. Над сето она што може да го сфати умот постои бесконечност. Ние со споственото настојување можеме само да го забележиме светулкањето на божествената слава и на Неговото бесконечно знаење и мудрост. Тоа е така како, кога би работеле на површината на рудникот, а богатството на златната руда е награда само за оној кој продира во длабочините. Рударското окно мора да се спушта сѐ подлабоко во земјината утроба, и резултатот ќе биде големо богатство. На сличен начин со вистинска вера божественото знаење станува човечко знаење.
Истражувањето на Светите списи во Христов дух не може да остане ненаградено. Кога човекот е подготвен да биде поучуван како дете, кога во потполност ќе Му се предаде и потчини на Христа, тој ќе ја најде вистината во Неговото слово. Кога луѓето би сакале да се покорат тие би го разбрале планот на божественото владеење. Небесниот свет би ги отворил своите ризници на милоста и славата, за да бидат достапни за истражување. Човечките суштества би биле сосема поинакви отколку што се сега, затоа што со истражувањето на длабокиот рудник на вистината, луѓето би се облагородиле. Предметите како што се: Тајната на човековото искупување, Христовото овоплотување, Неговата жртва помирница, не би биле, како што се сега, магливи и нејасни во нашиот ум. Сето тоа не само што би било подобро сфатено, туку и многу повеќе ценето.
Знаењето за Бога и Христа, стекнато врз основа на личното искуство, го менува човекот и го сообразува со Божјиот лик. Тоа на човекот му го враќа достоинството да владее со себе, и секој импулс, и секоја страст да ја потчини под контрола на вишите сили на умот. Таквото знаење, човекот го прави син Божји и наследник на спасението. Тоа го доведува во постојана врска со умот на Бесконечниот и пред него ги отвара богатите ризници на вселената.