МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(10 – 16 мај: Основни услови за духовно здравје)
„Тој (Бог), им дава на сите: живот, здив и сè.“ (Дела Ап. 17:25; Библија)
Воздухот е бесплатен благослов на небото, којшто со своето постојано струење, како електрична струја, го оживува целиот организам. Белите дробови, со воздухот што го вдишуваме, постојано исфрлаат нечистотија од организмот, и затоа мораат да бидат постојано снабдувани со свеж воздух.
Од воздухот што го вдишуваме зависиме дури и повеќе отколку од храната што ја јадеме. Сите коишто сакаат да уживаат здравје и среќа на активен живот, треба да имаат на ум дека тоа не може да се постигне без добра циркулација на крвта. Без оглед на професијата и на нивните лични склоности, тие треба што почесто да се движат на чист воздух. Раскинувањето со старите нездрави навики, коишто ги држеле постојано зад затворена врата, треба за нив да биде нивна верска служба.
Воздухот, таа драгоцена благодат од небото, којашто им е наменета на сите, со своето живототворно дејство, ќе претставува вистински благослов ако не му го затворите пристапот. Прифатете го како добредојден гост, и тој ќе се покаже како драгоцено смирувачко средство за вашите нерви. Под благотворното влијание на чистиот и свеж воздух, крвта, здраво и несметано, ќе циркулира низ целиот организам. Тоа го освежува и го јакне физичкото здравје, а во исто време поволно влијае на одлучноста на умот, давајќи му сталоженост и ведро расположение. Животот на свеж воздух поттикнува на апетит, го подобрува процесот на варење и донесува здрав и пријатен сон.
Чистиот и закрепнувачки воздух е небесен дар којшто Бог, толку со задоволство, им го дава на сите луѓе, а тие не би можеле да бидат здрави, добро расположени и среќни ако таа драгоцена благодат не знаат да ја ценат, и ако не ѝ дозволат да си ја изврши својата, од Бога, одредена цел.
Свежиот и чист, незагаден, воздух претставува еден од најбогатите благослови на небото којшто слободно можеме да го уживаме.