МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)

„Надевај се на Господа и прави добро, живеј на земјата и храни се со вистината.“ (Псалм 37:3; Библија)

Биди добар и прави добро – само во тоа се наоѓа вистинската среќа. Највозвишеното задоволство и најчистата среќа и уживање се наоѓаат во верното и совесно извршување на должностите коишто ни се доверени.

Христос од сите очекува во верна служба да се залагаат за доброто на другите. Тој е Цар на славата, а сепак Самиот за Себе вели: „Зошто Синот човечки не дојде да Му служат, туку да служи.“ (Матеј 20:28; Библија) Тој е Величеството на небото, а сепак се сложил да се спушти на оваа земја за да ја заврши задачата којашто му била доверена од Таткото. На тој начин, Тој ја облагородил работата. За да ни покаже марливост во работата, работел вредно со Своите раце како дрводелец. Од Својата најрана младост марливо го давал Својот придонес во издржувањето на семејството. Чувствувајќи се како член на Својата семејна заедница, со задоволство учествувал во носењето на нејзините товари.

Децата и младите треба да чувствуваат задоволство кога, олеснувајќи им ги грижите на своите родители, покажуваат несебично интересирање за домашните работи и обврски. Додека радосно и со волја ги носат товарите кои им припаѓаат, тие стекнуваат воспитување коешто ќе ги оспособи во животот да бидат доверливи и корисни. Со постепено, но постојано напредување, од година во година, тие од неискусни момчиња и девојчиња треба да се развијат во зрели и искусни луѓе и жени. Со верното извршување на едноставните домашни должности, тие го положуваат темелот за своето умно, морално и духовно напредување во животот.

Мнозина мислат дека богатството и неработењето претсатвуваат благодати, но многу посреќни и поздрави се оние коишто постојано работат и коишто секој ден весело заминуваат на својата должност. Здравиот умор, којшто се јавува после правилно искористениот ден, ја условува благодатта на освежувачкиот сон. Пресудата, човекот со мака да заработува за насушниот леб, како и ветувањето за славата и среќата на иднината, потекнуваат од истиот извор, и едното, и другото, претставуваат благослов.

Pin It on Pinterest