МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 јануари: Молитвата во мојот живот)
„Туку, бдејте и молете се во секое време, за да успеете да избегнете од сето ова што ќе настане, и да застанете пред Човечкиот Син.“ (Лука 21:36; Библија)
Имајте на ум дека Христос често се молел, и дека Својот живот го одржувал со свежо вдахновение од Светиот Дух. Нека вашите мисли и вашиот внатрешен живот бидат такви што нема да морате да се посрамите кога ќе се соочите со записите на својот живот на денот на Божјиот суд.
Небото не е затворено за искрените молитви на праведникот. Илија бил подложен на човечки слабости исто како и ние, па сепак Господ го слушнал и му одговорил на највпечатлив начин на неговата молитва. Единствената причина што немаме повеќе сила во Бога треба да ја побараме кај самите себе. Кога на мнозина кои ја исповедаат вистината би им бил предочен нивниот внатрешен живот, тие повеќе не би си дозволиле да се нарекуваат христијани. Тие не напредуваат во благодатта. Ќе се помолат понекогаш на брзина, но вистинската поврзаност со Бога во потполност им недостасува.
За да напредуваме во за Бога угоден живот, мораме многу повеќе да се молиме. Колку многу повеќе и поискрено се молевме кога пораката за сегашната вистина беше објавена за прв пат! Колку често се слушаше гласот на силната молитва во амбарот, во овоштарникот или во шумата! Често поминувавме часови во искрена молитва по двајца или тројца, повикувајќи се на Божјите ветувања; често се слушаше плач, а потоа и глас на благодарност, и песна на пофалба и слава. Сега денот Господов е поблиску отколку кога поверувавме, затоа треба да бидеме уште поискрени, поревносни и поогнени отколку во тие први денови. Нашите опасности се поголеми денес отколку тогаш. Душите станале бесчувствителни. Сега е потребно да бидеме потполно проникнати со Христовиот Дух, и не смееме да мируваме сѐ додека не Го примиме.
Стекнувајте навика преку молитва да разговарате со Спасителот. Нека срцето постојано ви се воздига кон Бога во тивка молитва за помош, за светлост, за сила и за знаење. Нека секој здив ви биде молитва.