МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 октомври: Бог во мојот живот)
„Гледајте каква љубов ни дал Таткото: да се нарекуваме Божји деца. А тоа и сме!“ (1 Јованово 3:1; Библија)
Каква љубов, каква чудесна љубов: грешниците и туѓинците, какви што сме сите ние, да можат да бидат посвоени и повторно вратени во Божјото семејство! Најдрагиот израз „Татко наш“ со којшто можеме да Му се обратиме на Бога, претставува знак на нашата љубов и верност кон Него, како и потврда за Неговата нежна поврзаност со нас. И Божјиот Син, набљудувајќи ги наследниците на милоста, „не се срами да ги нарече браќа“. (Евреите 2:11; Библија) Тие влегуваат во посвето сродство со Бога отколку ангелите кои никогаш не паднале.
Сета родителска љубов којашто од генерација во генерација потекла преку каналот на човечките срца, сите текови на нежност коишто се отвориле во душите на луѓето, претставуваат едвај уочлив поток кон бескрајниот океан, кога ќе се споредат со бескрајната и неисцрпна Божја љубов. Таа љубов не може да се искаже со зборови, ниту да се опише со перо. За неа можете да размислувате секој ден од својот живот; за да ја разберете, можете најгрижливо да ги истражувате Светите списи – Библијата; за да ја сфатите љубовта и сочувството на нашиот Небесен Татко, можете да ги ангажирате сите сили и способности со кои ве обдарил Бог, па сепак позади сето тоа ќе остане бесконечност.
Во сите Свои деца Бог го гледа ликот на Својот единороден Син. Тој гледа на нив со љубов поголема отколку што може да се искаже на кој било јазик. Тој ги обвиткува во прегратките на Неговата љубов. Господ се радува на Својот народ.
Тој нѐ откупил од безбожноста на овој свет и нѐ избрал за членови на својата царска фамилија, за синови и ќерки на небесниот Цар. Тој нè повикува да веруваме во Него со подлабока и посилна доверба од онаа на детето во својот земски татко.
Бог за нас е нежен, сочувствителен, небесен Татко.