МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)
„Тогаш прочелниците и сатрапите почнаа да бараат повод, нешто околу државната управа, заради што би можеле да го обвинат Даниела: ама не можеа да најдат ништо такво на него; ништо заради што би можеле да го прекорат, зашто беше верен, немаше во него ни негрижа ни погрешка.“ (Даниел 6:4; Библија)
Даниел бил изложен на најтешките искушенија на коишто можат да бидат изложени и младите во нашите денови, но верно се држел до поуките коишто верно ги примил во деновите на своето детство. Тој бил постојано опкружен со влијанија коишто биле така пресметани за да можат да ги срушат оние коишто се колебаат помеѓу начелата и склоностите, па сепак Божјото Слово го прикажува како човек со беспрекорен карактер. Даниел не се ни обидел да се потпре на сопствената морална сила. Секогаш чувствувал потреба за молитва. Тој, Семоќниот го направил своја сила, и во целокупниот деловен живот секогаш пред себе го имал стравот Божји.
Се трудел да живее во мир со сите, но кога во прашање биле начелата тогаш бил непоколеблив како силен кедар. Своите претпоставени ги почитувал совесно и им се покорувал во сето она што не било во спротивност со неговата верност кон Бога.
Во искуството на Даниел и на неговите другари имаме истакнат пример на победа на начелата над попуштањето на апетитот. Тоа покажува дека младите, благодарејќи на начелата на својата вера можат да извојуваат победа над страстите и желбите на телото, и да останат верни на Божјите барања.
Што би било ако Даниел и неговите другари, во компромис со своите незнабожечки старешини, прифатиле под притисок на околностите да го користат вообичаеното јадење и пиење на Вавилонците? Со тоа единствено прифаќање да отстапат од начелата тие би го ослабеле своето чувство за она што е исправно и своето гнасење од злото. Со попуштањето на апетитот тие би ја жртвувале својата физичка цврстина, бистрината на умот и духовната сила. Еден погрешен чекор би ги навел да одат подалеку во своето попуштање, сè додека нивната врска со небото не би била прекината, а тие потполно совладани од силата на искушението.