МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(11 – 17 јануари: Молитвата во мојот живот)

„Бидете постојани во молитвата, бдејте во неа со благодарност!“ (Колосјаните 4:2; Библија)

Не постои време или место неприкладно за одржување на врска со Бога во молитва. Ништо не може да нѐ спречи своето срце да го воздигаме кон Бога во искрена молитва.

И среде уличната врева, и кога целосно сме обземени со својата работа, можеме своите молитви да Му ги упатуваме на Бога, барајќи Негово божествено водство и помош.

Со Христа, на тој начин можеме да разговараме одејќи по својот пат, и Тој секогаш може да биде од нашата „десна страна“. „Господ ми е секогаш пред очите; бидејќи ми е од десната страна, нема да се сопнам.“ (Псалм 16:8; Библија)

Со Бога можеме да разговараме во своето срце; во друштво со Христа можеме да бидеме на секој чекор. Додека ги извршуваме своите секојдневни обврски, можеме желбите на своето срце да Му ги упатуваме на Бога така нечујно да не допрат до ниедно човечко уво, но ниту еден така упатен збор нема да отиде напразно, ниту ќе биде изгубен. Ништо не може да го загуши копнежот на душата. Тој се воздига над уличната врева, над зуењето на машините. Бог е тој кон кого се обраќаме и нашата молитва сигурно ќе допре до Неговото уво.

Секоја искрена молитва за милост и сила ќе биде услишена. Барајте во својата молитва Бог да го направи за вас она што самите не можете да го направите. Кажете Му на Христа за сѐ што ве тишти. Доверете Му ги сите тајни на своето срце, затоа што Неговите очи продираат до најскриените катчиња на душата и Тој ги чита вашите мисли како отворена книга.

Кога го барате она што е неопходно за доброто на вашата душа, верувајте дека ќе го примите и навистина ќе го примите. Прифаќајте ги даровите на Неговата милост со благодарно срце, затоа што Тој умре за вие да го добиете правото на драгоцените небесни предности, и за на крајот да наследите дом со небесните ангели во царството на славата.

Кога и да најдете време и потреба за молитва, Бог ќе најде време и подготвеност за одговор.

Pin It on Pinterest