МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 14 февруари: Дарови на Светиот Дух)

„Туку ќе примите сила кога Светиот Дух ќе слезе на вас и ќе Ми бидете сведоци како во Ерусалим, така и во цела Јудеја, и во Самарија, и сè до крајот на земјата.“ (Дела Ап. 1:8; Библија)

Светиот Дух слегол на оние кои Го љубеле Христа. Благодарејќи на тоа и на Христовото признание кај Таткото, тие биле оспособени да примат сè што било потребно за остварување на нивната мисија. Дародавецот на животот во Својата рака не ги држи само клучевите од смртта, туку и цело изобилство на небесни благослови. Сета власт и на небото и на земјата Му припаѓа Нему, и бидејќи повторно го зазел Своето место во небесните дворови, Тој со полно право може да ги излева тие благослови на сите оние коишто веруваат во Него и Го примаат. Црквата тогаш била крстена со силата на Светиот Дух. Со тоа учениците биле оспособени да појдат и да Го воздигнуваат и прославуваат Христа, прво во Ерусалим, каде што беше извршено срамното дело на обесчестување и отфрлање на Царот, па потоа до најоддалечените краеви на светот. Со тоа бил даден очевиден доказ за Христовото устоличување на посредничкиот престол.

Бог сака оние што ќе ја примат Неговата милост да бидат сведоци на нејзината сила. И оние коишто со својот живот најмногу го увредувале, Тој радо ги прима кога ќе се покајат, им дава дарови на Својот божествен Дух, ги поставува на најдоверливи положби, и ги праќа во таборот на необратените за да им ја објават Неговата безгранична милост и добрина. На секоја душа којашто искрено Му се обраќа, Господ со посредство на Светиот Дух ѝ нуди можност непосредно да соработува со Него. Светиот Дух станува извор на нејзината делотворност. Силата на Светиот Дух е она што нам многу ни недостасува. Таа за една минута би направила многу повеќе отколку што ние можеме да постигнеме со целиот наш говор и сведочење.

Духот ќе им биде даруван само на оние, кои со доверба се потпираат на Бога и во понизност чекаат на Неговата милост и на Неговото водство. Светиот Дух очекува да го побараме и да го примиме преку своите молитви. Тој ветен благослов, побаран со вера, ги донесува со себе и сите други благослови.

Pin It on Pinterest