МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 декември: Исполнување на ветувањата за вечниот живот)

„И нема веќе да има никакво проклетство…“ (Откровение 22:3; Библија)    

Секоја трага од проклетството ќе биде избришана, ќе остане само еден потсетник – нашиот Спасител секогаш ќе ги носи раните од Своето распнување. На Неговата ранувана глава, на Неговите ребра, раце и нозе ќе се гледаат единствените траги на свирепоста која што ја предизвикал гревот. Гледајќи Го Христа во Неговата слава, пророкот вели: „Болскотот Му е како светлина, зраци светкаат од Неговите раце, таму е скривалиштето на Неговата сила.“ (Хабакук 3:4; Библија) Прободената страна на Христовото тело од кое што протечел црвен поток, кој што го помири човекот со Бога, ја претставува Спасителовата слава, овде е скриена „Неговата сила“. „Моќен да спаси“, со жртвата на искупувањето, Тој, исто така, ќе биде моќен да ја изрече пресудата и да го изврши судот над оние кои ја презираат Божјата милост. А овие знаци на Неговото понижување, за Него претставуваат најголема чест. Раните добиени на Голгота ќе ја истакнуваат Неговата слава и Неговата моќ низ бескрајните времиња на вечноста.      

Дојде времето на кое што светите луѓе со најголем копнеж чекале откако првиот човечки пар бил изгонет од Едем со огнен меч. Дојде времето на избавување. Земјата која како првобитно човечко царство, со неговото неверство поминала во рацете на сатаната и така била држана под власта на моќниот непријател, со големиот план на спасението повторно му е вратена на човекот. Сѐ она што било изгубено со падот во грев, е вратено во првобитната состојба. Правејќи ја обновената земја вечен престој за искупените, Бог конечно ќе ја оствари Својата првобитна намера која што ја имал уште за време на создавањето: „Праведните ќе ја наследат земјата, и ќе живеат на неа довека.“ (Псалм 37:29; Библија)     

Тогаш сета среќа на идниот свет ќе ја уживаме со Него низ бескрајните времиња на вечноста. Во Божјото Царство нема да има ништо што би можело да нѐ вознемирува или да нѐ мачи. Животот ветен на победниците ќе биде живот на среќа и спокојство, живот на љубов и милина. Нема повеќе да има грев, ниту било што кое би задавало грижи или би го нарушувало мирот на спасените.

Pin It on Pinterest