МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(9 – 15 август: Одете по Христовиот пат)
„А Исус рече: ‘Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.’“ (Матеј 19:14; Библија)
Каде и да одел Спасителот, добрината што се огледувала на Неговото лице и Неговото нежно, љубезно однесување ја задобивале љубовта и довербата на децата.
Една мајка со своето дете тргнала од својот дом со цел да Го најде Исуса. По патот за својата намера ѝ раскажувала на својата сосетка, па и таа посакала Исус да ги балгослови нејзините деца. Така се насобрале повеќе мајки со своите деца. Некои од овие деца, од годините на своето рано детство, преминувале во години на младост. Додека мајките ја изразувале својата желба, Исус благонаклоно ги слушал нивните срамежливо изразени барања проследени со солзи, но почекал да види како учениците ќе постапуваат кон нив. Кога видел како учениците, мислејќи дека тоа Нему Му е по волја, започнале да ги отпуштаат мајките, им укажал на нивната заблуда, велејќи: „Оставете ги децата и не им пречете да дојдат при Мене, зашто на таквите им припаѓа небесното царство.“ Ги земал децата во Својата прегратка, ги положувал Своите раце врз нив и им го дал благословот поради кој и дошле при Него.
Бог сака секое дете, уште од неговото најрано детство, да го прими во Своето семејство. И покрај својата младост, тие можат да бидат „домаќини во верата“, и да имаат најдрагоцени искуства. Христос од нив сака да направи мали мисионери. Тој може потполно да го измени текот на нивните мисли, така што гревот воопшто нема да им изгледа привлечен, туку ќе го мразат и ќе го избегнуваат. На таквите деца Господ ќе им даде искуство и во мисионерската работа.
Ние би можеле стотици и илјадници деца да приведеме кај Христа доколку сме подготвени да се заложиме за нив.
Децата треба така да ги воспитуваме да бидат сочувствителни кон старите и унесреќените, обидувајќи се да им ги олеснат страдањата и неволјите. Треба да се учат да бидат одговорни во мисионерската работа. Од најраната младост треба да им се влее свеста за потребата на самоодрекување и жртва за доброто на другите и за ширење на Христовото дело, за да можат да станат Божји соработници.