МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)

„Мило ми е, Господи, да ја исполнувам Твојата волја, јас го носам Твојот закон длабоко во срцето.“ (Псалм 40:8; Библија)

Христовиот живот во детството се разликувал од животот на повеќето деца. Моралната сила и цврстината на Неговиот карактер секогаш Го наведувале да му биде верен на чувството на должност и предан на начелата на правдата од коишто никакви побуди, колку и да биле силни, не можеле да Го одвојат. Со пари или со задоволства, со пофалби, со ласкање или со предизвикувања, со ништо не се дал да биде поткупен, ниту да се наведе да се сложи на некоја нечиста постапка. Тој имал доволно сила да му се спротивстави на искушението, мудрост да го разоткрие злото, и цврстина да му остане верен на Своето осведочување.

Непобожните и непринципиелните ласкаво ги прикажувале задоволствата и грешните уживања, но Тој со силата на начелата ги одбивал сатанските сугестии. Неговата проникливост била така изострена што веднаш можел да го препознае гласот на искушувачот. Тој не отстапувал од должноста за да придобие нечие одобрување. Не ги жртвувал начелата за да купи нечија пофалба или за да ја избегне осудата и омразата на оние коишто биле непријатели на правдата и вистинската побожност.

Наоѓал задоволство во извршување на Своите обврски кон родителите и кон општеството, секогаш останувајќи постојан во начелата и неизвалкан од негативните влијанија коишто го опкружувале во Назарет. Христос никогаш во ништо не отстапил од верноста на начелата на Божјиот Закон. Никогаш не направил ништо спротивно на волјата на Својот Татко.

Христос, бидејќи ни даде општи насоки, никогаш не нè остава да го нагодуваме патот и правецот по којшто треба да одиме среде сите споредни стази и опасни беспатија. Тој нè води по вистинскиот пат, и сè додека одиме по Неговите стапки нема да застраниме.

Секоја душа во молитва мора да одржува постојана врска со Христа, бидејќи Тој вели: „Без Мене не можете да направите ништо.“ (Јован 15:5; Библија)

Неговите начела треба да бидат и наши начела, затоа што тоа се начела на вечната и непоминлива вистина прокламирани во правдата, добротата, милоста и љубовта.

Pin It on Pinterest