МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(11 – 17 јануари: Молитвата во мојот живот)
„Наутро го слушаш мојот глас; о Господи! Наутро ја испраќам мојата молитва кон Тебе и чекам.“ (Псалм 5:3; Библија)
Првиот утрински здив на нашата душа кога ќе се разбудиме треба да биде копнежот за Христовото присуство. „Без Мене“, вели Тој, „не можете да направите ништо.“ Она што најмногу ни е потребно во животот е Христос. Неговата светлина, Неговиот живот, Неговиот Дух, ни се потребни постојано. Тој е наша потреба во секој миг.
Да се помолиме секое утро, како што сонцето ги осветлува горите и долините, така и Сонцето на правдата да ги осветли одаите на нашите ум и срце, правејќи нѐ радосни и среќни во Господа. Да не остануваме без Неговото присуство ниту еден миг. Сатаната будно нѐ следи кога нешто ќе започнеме без нашиот Господ, и тој веднаш е овде, подготвен да ни ги подметне своите нечисти сугестии за да нѐ поколеба во нашата постојаност. Затоа Христос сака ниту за миг да не се одвојуваме од Него, и така во Него ќе бидеме потполни.
Бог сака секој од нас да биде совршен во Него за да можеме пред околниот свет да го претставиме совршенството на Неговиот карактер. Тој сака потполно да се ослободиме од гревот, да не го разочаруваме небото и да не го жалостиме често нашиот Искупител. Тој не сака само да исповедаме христијанство, а да не се користиме со предноста на Неговата милост која може да нѐ направи совршени и беспрекорни во моментот кога ќе се појави.
Молитвата и верата ќе го направат она што не би можело да се постигне со никаква земска сила. Многу ретко би можеле да се најдеме двапати во една иста ситуација во секој поглед.
Постојано се соочуваме со нови случувања и поминуваме низ нови искушенија во коишто изминатото искуство не може да ни биде сигурен водич. Постојано мораме да се држиме до светлоста којашто доаѓа само од Бога. Христос секогаш ја праќа Својата порака на оние што го слушаат Неговиот глас.
Составен дел на Божјиот план, како одговор на нашата молитва упатена со вера, е да ни го подари она што не би ни го дал ако не сме Го молеле.