МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 септември: Примери на посветен живот)

„И ние ја запознавме и веруваме во љубовта, која Бог ја има кон нас. Бог е љубов: и кој останува во љубовта, останува во Бога и Бог останува во него.“ (1 Јованово 4:16; Библија)  

Љубовта полна со верност и несебична посветеност покажана во Јовановиот живот и карактер претставува поука од неискажлива вредност за христијанската црква. Некои мислат дека Јован оваа љубов ја поседувал по својата природа, независно од божествената милост. Меѓутоа, Јован по природа имал сериозни карактерни недостатоци: бил горд, славољубив и брз да возврати на омаловажување и навреда.     

Јован искрено сакал да стане сличен на Христа и под делотворното влијание на Христовата љубов, станал кроток и понизен во срцето. Неговото „јас“ исчезнало во Христа. Тој цврсто се приврзал за Живата лоза, станувајќи на тој начин учесник во божествената природа. Таков е секогаш исходот на постојаната поврзаност со Христа. Тоа е вистинска посветеност.  

Во карактерот на секој поединец можат да постојат впечатливи недостатоци, па сепак, кога тој ќе стане вистински Христов ученик, силата на божествената милост го претвора во ново создание. Но, кога оние коишто тврдат дека се христијани, нивната вера не ги прави подобри во секојдневниот живот – живи Христови претставници и во склоностите и во карактерот – тие во суштина и не се Негови.    

Јован уживал во благодетите на посветеноста. Сепак, овој истакнат апостол не тврдел за себе дека е безгрешен, иако одејќи во светлината на Господовото лице постојано тежнеел кон совршенство. Тој вели дека секој којшто тврди дека Го познава Бога, а притоа ги престапува Неговите заповеди, дава лажно сведоштво за себе. Иако треба да ги сакаме душите за кои што Христос умрел и да се залагаме за нивното спасение, не смееме да правиме компромис со гревот. Не смееме да се соединиме со бунтовниците и тоа да го нарекуваме милосрдие или братска љубов. Бог и денес бара од својот народ, како што тоа го правел Јован во свое време, без страв да се залага за правдата, наспроти толку погубните заблуди за душата.

Pin It on Pinterest