МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(8 – 14 март: Раководење според начелата, а не според склоностите)

„Јас го одбрав патот на вистината, пред очите ги ставив Твоите одлуки. Јас цврсто се прилепив до Твоите прописи, о Господи, немој да ме посрамуваш!“ (Псалм 119:30.31; Библија)

Постојат две големи начела според кои се раководат луѓето, едното е верност кон Бога, а другото е неверност. На сите нас ни е потребна повеќе христијанска храброст за високо да го воздигнеме знамето со натпис: „Божјите заповеди и верата Исусова.“ Демаркационата линија помеѓу послушните и непослушните мора да биде јасна и одредена. Мораме да бидеме цврсто определени Божјата волја да ја извршуваме во секое време и на секое место.

Христијанската сила се стекнува со верноста во Господовата служба. Момчињата и девојките треба да сфатат дека да се биде едно со Христа претставува највозвишена чест којашто луѓето можат да ја добијат. Со најцврта верност тие треба да се изборат за морална независност, и таа независност треба да ја одржат наспроти сите влијанија коишто можат да се обидат да ги одвратат од вистинските начела.

Луѓе со силен ум ќе изнесуваат тврдења коишто немаат темел во вистината. Затоа очите на својот ум намачкајте ги со небесната маст за очи, за да ја воочите разликата помеѓу вистината и заблудата. Истражувајте ги Светите списи, и секогаш цврсто држете се до правилото: „Така вели Господ.“

Во својата книга „Патувањето на поклоникот“, Буњанин, еден од сопатниците го нарекува „Попустлив“. Млади чувајте се од таквиот карактер. Со тоа се прикажани оние коишто се многу приспособливи и еластични, а всушност се како трска којашто се витка на ветрот. Тие немаат сила на волјата. Сите млади треба да негуваат доблесна одлучност. Неодлучноста е вистинска стапица која што претставува пропаст за многумина. Ако не бидете цврсти и непоколебливи, зградата на својот карактер вие ја градите на темелите на непостојан песок.

Христовиот поглед на светот е правило на христијанскиот живот. Целото битие треба да биде проникнато со живототворните начела на небото. На ништо друго не треба да му се посвети толку време и внимание како на здравата и посветена библиска побожност.

Pin It on Pinterest