МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(7 – 13 јуни: Сигурен пат до вистинската среќа)

„И така, сè што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие така; зашто тоа е Законот и пророците.“ (Матеј 7:12; Библија)

Истакнувајќи го ова начело, ова златно правило, Спасителот ги прави луѓето среќни, а не несреќни, затоа што нема друг пат по којшто може да се стигне до среќата. Бог сака луѓето и жените да живеат повозвишен живот. Благодатите на животот Тој им ги дал, не само за да стекнуваат овоземско богатство, туку своите способности да ги облагородуваат, ублажувајќи ги страдањата и задоволувајќи ги потребите на своите ближни – тоа е задачата којашто Тој му ја доверил на човечкиот род. Човекот не треба да работи само за своите себични интереси, туку и за интересите на сите со коишто доаѓа во контакт, благословувајќи ги другите со своето влијание и добри дела. Оваа Божја намера Христос ја потврдил со пример во Својот овоземски живот.

Искористете ја секоја можност да допринесете за среќата на оние коишто се околу вас, сочувствувајќи со нив. Љубезно изговорениот збор, погледот на сочувство и изразот на уважување и разбирање, за многу напатени и осамени души можат да бидат како чаша ладна вода за жедната душа. Еден убав збор на утеха и охрабрување, еден чин на љубезност, во голема мера можат да ги олеснат тешките товари коишто се положени на плеќите на уморните. Вистинската среќа се наоѓа во несебичното залагање за доброто на другите. Секој таков збор и секое такво дело се бележат во небесните книги како да му се сторени на Христа. Живејте во сончевата светлина на Христовата љубов, тогаш вашето влијание ќе биде вистински благослов за сите оние со коишто доаѓате во контакт.

Духот на несебично залагање за другите му донесува мир и среќа на оној којшто поседува таков дух, а на карактерот му дава длабочина, стабилност и љубезност слична на Христовата.

Секоја извршена должност и секоја поднесена жртва во Христово име донесува

награда поголема од било што друго. Во самиот чин на должност го препознаваме Божјиот глас и го примаме Неговиот ветен благослов.

Pin It on Pinterest