МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(6 – 12 декември: Исполнување на ветувањата за вечниот живот)

„Тоа се оние, кои доаѓаат од голема неволја, кои ги испраа облеките свои и ги избелија во крвта на Јагнето.“ (Откровение 7:14; Библија)     

Тие ќе стојат пред престолот примени од Саканиот. Тогаш ќе бидат избришани сите нивни гревови, и ќе бидат простени сите нивни престапи. Тогаш ќе можат несметано да ја гледаат славата на Божјиот престол.     

Тој ден искупените навистина ќе засјаат во славата на Таткото и на Синот. Допирајќи ги жиците на златните харфи, ангелите со најмила музика ќе го поздравуваат Царот и трофеите на Неговата победа, оние кои ги испрале и ги избелиле своите облеки во Јагнетовата крв. Сите тие ќе бидат среќна, повторно соединета фамилија, облечена во облека на пофалби и благодарности, во облека на Христовата правда. Целата природа во својата извонредна убавина ќе му принесува на Бога непрекинато благодарност и обожавање. Земјата, како да се капе во сончевите зраци, ќе блескоти во светлината на небото.

Месечевата светлина ќе биде како сегашната светлина на сонцето, а сончевата светлина ќе биде седум пати поголема отколку денес. Над таа глетка ќе пеат утринските ѕвезди, а Божјите Синови ќе воскликнуваат од радост, додека Бог и Христос заедно ќе прогласат: „Нема веќе грев, и смрт нема да има повеќе.“    

Судирот е завршен. На сите патила и судири им дојде крајот. Кога искупените ќе се соберат околу Божјиот престол, песна на победа ќе го исполни целото небо. Сите ќе му се придружат на радосниот акорд: „Достојно, достојно е Јагнето кое беше заклано и повторно живее како величествен победник.“ (Откровение 5:12; Библија)

„Потоа видов, и ете: големо мноштво народ – што никој не може да го изброи – од сите народности и племиња и народи и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето, облечени во бели облеки, со палмини гранчиња во своите раце, и воскликнуваа со голем глас: Спасение на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Јагнето.“ (Откровение 7:9; Библија)

Pin It on Pinterest