МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(5 – 11 aприл: Напредување во благодатта)

„А праведничката патека е како светлина на разденувањето, што е сѐ појасна до полниот ден.“ (Пословици 4:18; Библија)

Младите секој ден можат од Христа да примаат нова благодат, така што нивните светилки на патот на светоста ќе бидат сѐ поблескави.

Напредувањето во благодатта никогаш нема да ве наведе да бидете горделиви, самодоверливи и фалбаџии, туку ќе направи уште повеќе да бидете свесни за својата ништожност и за својата потполна зависност од Господа. Оној којшто напредува во милоста, секогаш ќе се стреми кон духовно воздигнување, стекнувајќи сѐ појасна претстава за предностите коишто ги нуди Евангелието.

Младите можат да бидат слободни во Христа; тие можат да бидат деца на светлината, а не на темнината. Бог ги повикува момчињата и девојките да ја отфрлат секоја нечиста навика, да бидат марливи во работата, огнени во духот, служејќи Му на Господа. Христос сака да ви помогне, да не останете немарливи, не вложувајќи никакви напори да ги поправите своите пропусти и своето однесување. Искреноста на вашите молитви ќе се покаже во силата на напорите што ги вложувате за да ги одржите сите Божји заповеди. Вие можете да напредувате во сознанието, и на секој чекор да ги отфрлате злите навики и валканото друштво, верувајќи дека Господ ќе го обнови вашето срце со силата на Светиот Дух.

Немојте да ги оправдувате своите карактерни недостатоци, туку победувајте ги со Христовата милост. Борете се против злите страсти што Божјото слово ги осудува, бидејќи ако им попуштате се понижувате самите себе. Настојувајте да се покаете за секој грев додека слаткиот глас на милоста ве повикува на покајание, затоа што тоа е првиот чекор во најблагородниот дел што можете да го направите. Борете се за победа со сите сили што ви ги дал Бог.

Вистинскиот пат е непрекинато напредување: од сила во сила, од благодат во благодат, од слава во слава. Бог Својата светлост ни ја дава сѐ повеќе и повеќе, во сразмер со нашето напредување во верата, оспособувајќи нѐ да одговориме на своите должности и на секое изненадување на кое ќе наидеме во животот.

Pin It on Pinterest