МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС

(1 – 7 март: Херои пред Бога)

„Кој знае дали токму и не си се искачила до царската чест заради часот каков што е овој?“ (Естира 4:14; Библија)

Со царски декрет бил одреден денот кога Евреите требало да бидат уништени, а целиот нивен имот конфискуван. Царот ни од далеку не сфатил до какви далекусежни последици би дошло доколку тој декрет во потполност бил спроведен. Самиот сатана бил скриениот подбуцнувач во оваа завера, настојувајќи да ги збрише од лицето на земјата, оние коишто го имале вистинското знаење за Бога.

Меѓутоа, оваа подла завера била осуетена од силата на Оној Којшто суверено владее со човечките синови. Според Неговото провидение Естира, една богобојазлива Еврејка, станала царица во Медо-Персискиот двор. Јудеецот Мардохеј бил нејзин ближен сродник. Во својата лута неволја, Мардохеј и Естира донеле одлука во име на народот да му се обратат на самиот цар. Естира се изложила на смртна опасност, во својство на посредник и неповикана, да излезе пред царот и да се заложи за својот народ. „Кој знае“, храбрејќи ја, ѝ рекол Мардохеј, „дали токму и не си се искачила до царската чест заради часот каков што е овој?“

Кризата во којашто царицата Естира се нашла така одненадеж, изложувајќи се така неустрашливо на смртната опасност, барала енергично и ревносно делување; меѓутоа, и таа, и Мардохеј, добро знаеле дека нивните напори ќе бидат потполно залудни ако Семоќниот Бог не работи во нивна корист.

Затоа Естира, и покрај толкавата итност на задачата, нашла време за молитва, заеднички да му се обратат на Бога, на изворот на својата сила. „Ајде“, му наредила на Мардохеј, „собери ги сите Евреи, кои се наоѓаат во Шуша. Постете за мене; не јадете ниту пијте три дни и три ноќи. Така подготвена ќе влезам кај царот, иако е спротивно на законот, па ако треба да загинам ќе загинам.“ (Естира 4:16; Библија)

На секое семејство и на секое училиште, на секој родител, наставник и дете, на секој поединец кого што го осветлила светлината на Евангелието, му се упатува во судбоносниот час прашањето коешто ѝ било поставено на царицата Естира во овој критичен момент од израелската историја: „Кој знае дали токму и не си се искачила до царската чест заради часот каков што е овој?“

Pin It on Pinterest