МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 и 2 мај: Совршено здравје)
„Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој е во вас, кого го имате од Бога, па не си припаѓате само на себеси? Зашто скапо сте купени. И така, прославете Го Бога во своето тело и во својот дух, кои се Божји.“ (1 Коринтјаните 6:19.20, Библија)
Животот е еден од Божјите дарови. Нашето тело ни е дадено за да го употребиме на служба на Бога, и Тој сака правилно да го цениме и чуваме тој дар. Физичките сили на своето суштество мораме да ги одржуваме во што е можно подобра кондиција, и под најповолни духовни влијанија.
За сразмерен развој на умните и физичките сили, и за изградба на совршен христијански карактер, најважно е духовното здравје и чистотата на живеењето.
Законот на умереност мора да го контролира животот на секој христијанин. Бог треба да биде во секоја наша мисла, Неговата слава секогаш треба да ни биде пред очите.
Мораме да раскинеме со секое влијание коешто би можело да ги зароби нашите мисли и да нè одвои од Бога.
Ние сме под света обврска да управуваме со нашето тело и да не дозволиме апетитот и страстите некогаш да нè заведат и одвратат од чистотата и светоста, или од делото коешто Бог со право го очекува од нас.
Оние коишто искрено и вистински Му служат на Бога ќе бидат посебен народ, одвоени од овој свет. Нивната храна ќе биде подготвена така што нема да поттикнува лакомост или задоволување на изопачениот вкус, туку на најдоверлив начин да им обезбеди физичка сила, а со самото тоа и најголеми умни способности.
Нашиот небесен Татко нè обдарил со голем благослов на здравствената реформа, за да можеме да Го славиме покорувајќи се на Неговите барања.
Складната и здрава активност на сите сили на телото и умот донесува среќа; колку што тие сили се повозвишени и почисти, толку почиста и повозвишена ќе биде и среќата.