МОЈОТ ЖИВОТ ДЕНЕС
(1 август: Бог делува преку мене)
„А Бог на мирот, Кој преку крвта на вечниот завет Го изведе од мртвите Великиот Пастир на овците, нашиот Господ Исус, да ве усоврши во секое добро за да ја извршувате Неговата волја, вршејќи го во нас она, што е угодно пред Него, преку Исуса Христа, Кому да биде слава во вечни векови. Амин!“ (Евреите 13:20.21; Библија)
Религијата на Исус Христос значи нешто повеќе од самото исповедање на верата. Христовата правда се огледува во правилното постапување и добрите дела од чисти и несебични побуди. Христос дошол за да ја изврши волјата на Својот Татко. Дали и ние одиме по Неговите стапки? Сите оние, кои се нарекуваат со Христовото име, треба непрекинато да тежнеат за сѐ потесна заедница со Него, за да можат да живеат како што живеел Тој додека бил на овој свет, и да ги извршуваат Неговите дела.
Извршувањето, или пак неизвршувањето на оваа задача пресудно ќе се одрази на нашиот живот и на нашата судбина. Бог бара секоја можност што ќе ни се укаже да ја искористиме за добро. Немарноста во тој поглед претставува голема опасност за нашиот духовен развој. Пред нас е голема задача што треба да ја извршиме.
Должностите што ни ги доверил Сам Бог не треба да ги извршуваме ладно и безволно, туку со љубов. Во својата работа внесете љубов, внесете ги своите најдобри способности, и ќе видите дека Исус е покрај вас. Неговото присуство ќе ви ја олесни работата и срцето ќе ви биде полно со радост. Ќе работите во склад со Бога и со вистинска верност, љубов и ревност, извршувајќи ја совесно секоја работа што ќе ви дојде до рака.
Секој оној што својата кадилница ја потпалил од огнот на Божјиот олтар мора будно и совесно да ја одржува. Тој, во никој случај, не треба да употреби туѓ оган, туку тој свет оган со Божја сила мора да го одржува, и дење, и ноќе. Оние што одат по Христовите стапки, што својот живот, под Негово водство, го посветуваат на Неговата служба, секогаш имаат златно масло во садовите на своите светилки. Таквите никогаш нема да се најдат во ситуација каде што Бог не може да им помогне. Светилката на нивниот живот ја украсува токму онаа рака што ја запалила.