Alozo. T. Jones
Објавени во продолженија во списанието „Review and Herald“
2.5 Лекции за верата (пети дел) – 17 јануари 1899.
Верата е потпирање само на Божјиот збор и очекување дека тој збор ќе го направи тоа што го кажува.
Така, оправдание преку вера е оправдание преку потпирање на Божјиот збор и очекување дека тој збор ќе го оствари тоа што го кажува.
Оправдание преку вера е праведност преку вера; бидејќи оправдание значи да се биде прогласен праведен.
Верата доаѓа од Божјиот збор. Според тоа, оправдание преку вера е оправдание кое доаѓа преку Божјиот збор. А праведност преку вера е праведност која доаѓа преку Божјиот збор.
Божјиот збор е само-остварувачки при создавањето на сите работи, „Тој рече – и постана“ (Пс.33:9). И додека бил на земјата го смирувал разбрануваното море, ги чистел лепрозните, ги исцелувал болните, ги воскреснувал мртвите и опростувал гревови, сè тоа преку својот збор; во секоја прилика „Тој рече – и постана“.
Истиот Оној кој при создавањето „рече – и постана“, истиот Оној кој рекол „Нека биде светлина, и бидна светлина“, истиот Оној кој на земјата изговорил „само збор“ и болни оздравувале, лепрозни се очистувале и мртви оживувале – истиот Тој преку збор дава Бојжа праведност на сите кои веруваат.
Иако сите згрешиле и се лишени од Божјата праведност, сепак сме „бесплатно оправдани од неговата благодат преку откупот во Христа Исуса. Кого Бог Го постави… да ја објави својата праведност во опростувањето на поранешните гревови, во времето на Божјото долготрпение“ (Римјаните 3:24-25).
Во создавањето на сите работи на почетокот, Бог го поставил Христос да го објави зборот преку кој настанало сè. Христос проговорил само збор и сè настанало. И во откупувањето, коешто е повторно создавање, Бог го поставил Христос да го објави зборот на праведноста. И кога Христос кажува само збор, истиот се остварува. Неговиот збор, било да е при создавање или при откупување, е ист.
„Световите се создадени со Божјото слово, така што видливото произлегло од невидливото.“ Некогаш немало светови, ниту било каква материја од која се сочинуваат световите сега. Бог го поставил Христос да го објави зборот кој ќе ги произведе световите, па и самата материја од која требало да бидат сочинети.
„Тој рече и се покажа“ Пред да прозбори, не постоеле светови; откако прозборел, световите настанале. Така Божјиот збор изговорен преку Исус Христос е во состојба да направи да постои она што не постоело пред зборот да биде изговорен; и што никогаш не би постоело ако тој збор не бил изговорен.
Токму на истиот овој начин тоа се случува и во животот на човекот. Во животот на човекот нема праведност. Во самиот човек нема праведност од која би можела да се покаже праведност во неговиот живот. Но, Бог го пратил Христос за да му објави праведност на човекот. Исус само изговорил збор и во мрачната празнина на човековиот живот се појавила праведност за секого кој ќе ја прими. Таму каде што, пред зборот да биде примен, немало ниту праведност ниту било што друго што би можело да произведе праведност, после примениот збор, постои совршена праведност, па и самиот Извор од кој истата извира. Божјиот збор примен со вера – односно Божјиот збор од кој се очекува да го направи она што го кажува и на кој се потпира дека ќе го направи тоа што го кажува – произведува праведност во човекот и во животот таму каде што претходно не било. Поточно, исто како во првобитното создавање, кога Божјиот збор произведел светови таму каде никогаш порано немало светови. Тој прозборел и тоа е така за секого кој верува: што значи за секого што прима. Самиот збор го произведува тоа.
„И така, оправдани [направени/сторени праведни] преку верата [очекувајќи и потпирајќи се само на Божјиот збор], имаме мир со Бога, преку нашиот Господ, Исус Христос. (Римјаните 5:1). Тоа е така, слава на Господа! А хранејќи се со овој благослов значи негување вера.
(продолжува)