(продолжува од претходниот ден) Еврејскиот народ станал чувар на светата историја, но фарисејската наука го сторила најисклучив и верски најзанесен народ во човечкиот род. Сè што се однесувало на свештениците и поглаварите нивната облека, обичаите, обредите, преданијата ги сторило непогодни да бидат светлина на светот. Еврејскиот народ мислел дека цел свет се врти околу него. Меѓутоа, Христос им заповедал на учениците да ја објават верата и службата на Бога која нема да има во себе ништо што е врзано за општествените слоеви или за земјата, вера што ќе биде прилагодена кон сите народи, кон сите племиња и кон сите општествени слоеви.
Пред да ги напушти учениците, Христос јасно ја прикажал природата на своето царство. Ги потсетил на она што им го зборувал порано за него. Изјавил дека негова намера не била на овој свет да воспостави земно, туку духовно царство. Тој не требало да владее како земен цар на Давидовиот престол. Пак им ги отворил Светите списи, укажувајќи дека сè она низ што поминал, било одредено на небесниот совет меѓу Отецот и него. Сето тоа го преткажале луѓето вдахнати со Светиот Дух. Рекол: Гледате оти се исполни сè што ви го открив дека ќе ме отфрлат како Месија. Се обвистини сè што кажав за понижувањата што морав да ги претрпам и за смртта со која ќе умрам. Третиот ден повторно станав. Истражувајте ги Писмата многу потрудољубиво па ќе видите дека во целост се исполни она што го откриваат пророштвата за мене.
Христос им заповедал на своите ученици, почнувајќи од Ерусалим, да ја извршат задачата што им ја предал. Ерусалим бил сцена на која се одиграло неговото восхитувачко понижување за човечкиот род. Тука Тој страдал, бил отфрлен и осуден. Јудеја била негов роден крај. Тука, облечен во човечка природа, Исус одел меѓу луѓето, а малку имало такви кои забележувале колку Небото било близу до земјата додека Исус бил меѓу нив. Делото на апостолите морало да почне во Ерусалим.
Со оглед на сè што претрпел Христос во него и работата што ја извршил, а која не била ценета, учениците можеле да бараат поле што повеќе ветува; но тие тоа не го барале. Истото земјиште на кое Тој го посеал семето на вистината, требало да го обработуваат, а тоа семе ќе никне и ќе донесе обилна жетва. Во својата работа учениците ќе се сретнат со прогонства поттикнати од љубомората и омразата на Евреите, но истото го поднесувал и нивниот Учител, па ни тие не требало да бегаат од тоа. Милоста прво мора да им се понуди на убијците на Спасителот.
Во Ерусалим исто така имало многу такви кои тајно верувале во Исуса и многу такви кои биле заведени од страна на свештениците и поглаварите. На овие исто така требало да им се проповеда евангелието. И тие требало да се повикаат на покајание. Требало јасно да се изнесе прекрасната вистина дека само преку Христа може да се добие проштавање на гревовите. Затоа што цел Ерусалим бил поткренат со возбудливите настани од неколкуте минати седмици, проповедањето на евангелието ќе остави најдлабок впечаток.
Меѓутоа, делото не требало да запре тука. Тоа требало да се прошири до најоддалечените граници на земјата. Христос им рекол на своите ученици: Вие бевте сведоци на мојот самопрегорен живот за овој свет. Вие сте сведоци на мојот напорен труд за Израел. Иако не сакаа да дојдат кај мене за да имаат живот, иако свештениците и поглаварите сторија со мене што сакаа, иако ме отфрлија како што преткажа Писмото, сè уште имаат можност да го прифатат Божјиот Син. Видовте дека безусловно ги примам сите кои, признавајќи ги своите гревови, дојдоа кај мене. Оној што ќе дојде кај мене, нема да го истерам надвор. Сите што сакаат, можат да се помират со Бога и да добијат вечен живот. Вам, мои ученици, ви ја доверувам оваа вест на милоста. Таа треба да му се однесе прво на Израел, а потоа на сите племиња, јазици, народи. Таа треба да им се изнесе и на Евреите и на незнабошците. Сите што веруваат, треба да бидат собрани во една Црква. (продолжува)