(продолжува од претходниот ден) Со тоа што ѝ рекол на Марија дека неговиот час уште не настапил, Исус одговорил на нејзината неискажана мисла ­ на очекувањето што го негувала заедно со својот народ. Таа се надевала дека Тој ќе се открие како Месија и ќе го преземе престолот во Израел. Меѓутоа, времето уште не дошло. Не како цар, туку како „човек на болката, свикнат на страдањата“, Исус ја прифатил судбината на човечкиот род.

Иако Марија немала вистинско разбирање за Христовата задача, имала безусловна доверба во него. Исус одговорил на таа вера. Првото чудо го сторил за да ја почести довербата на Марија и да ја засили верата на своите ученици. Учениците ќе се сретнат со многубројни и со силни искушенија што ќе ги водат кон неверство. Без никакво сомневање, ним пророштвата јасно им откриле дека Исус е Месија. Очекувале верските водачи да го примат дури и со поголема доверба од нивната. На народот му ги објавувале Христовите славни дела и својата доверба во неговата задача, но биле зачудени и горко разочарани со неверувањето, со длабоко вкоренетите предрасуди и со непријателството кон Исуса што го покажувале свештениците и рабините. Првите Христови чуда ги засилиле учениците да му се противстават на ова противење.

Ниту малку збунета со Исусовите зборови, Марија им рекла на оние што служеле околу трпезата: „Сè што ќе ви каже, послушајте“. На тој начин сторила сè што можела за да го приготви патот на Христовата работа.

Пред влезот во куќата стоеле шест големи камени садови за вода и Исус им заповедал на слугите да ги наполнат со вода. Тоа било сторено. Тогаш, бидејќи неодложно било потребно вино, Тој рекол: „Сега нацрпете и однесете му на кумот.“ Наместо вода, со која биле наполнети садовите, потекло вино. Ниту кумот ниту гостите не забележале дека виното се потрошило. Кога го вкусиле она што го донеле слугите, кумот утврдил дека тоа е подобро од секое вино што го пиел порано, а многу се разликувало од она што било служено на почетокот на свеченоста. Обраќајќи му се на младоженецот, рекол: „Секој човек најпрвин го изнесува доброто вино, а кога луѓето ќе се поднапијат ­ полошото. Ти досега си го чувал доброто вино.“

Како луѓето прво што го изнесуваат најдоброто вино, а потоа послабо, така прави и светот со своите дарови. Она што го нуди тој може да го задоволи окото и да ги освои сетилата, но тоа нема да ги исполни човековите копнежи. Виното се претвора во горчина, веселбата во тага. Она што почнало со песна и веселба, завршува со умор и мачнина. Меѓутоа, Исусовите дарови секогаш се свежи и нови. Свеченоста што ја приготвува Тој за човекот секогаш дава задоволство и радост. Секој нов дар ја зголемува способноста на примачот да ги цени и да ги ужива Господовите благослови. Од него постојано се излева милост. Изворот на благословите нема да пресуши. Ако останете во него, фактот што денеска примате богат дар обезбедува примање на уште поголем дар утре. Исусовите зборови упатени на Натанаила го изразуваат законот на Божјето постапување кон децата на верата. Со секое ново откривање на својата љубов, Тој му кажува на срцето што прима: „Ако веруваш, ќе видиш и поголеми нешта од тоа“ (Јован 1,50). (продолжува)

Pin It on Pinterest