(продолжува од претходниот ден) Исусовите непријатели го излевале својот гнев врз него додека висел на крстот. Свештениците, поглаварите и закониците му се придружиле на џганот подбивајќи му се на Спасителот кој умирал. При крштавањето и при преобразувањето се слушнал глас со кој Бог објавил дека Христос е негов Син. Повторно, непосредно пред Христовото предавство, Отецот проговорил потврдувајќи го неговото божество. Но сега гласот од небото молчел. Не се слушнало ниту едно сведоштво во Христова полза. Тој сам го поднесувал малтретирањето и подбивањето на грешните луѓе.
„Ако си Божји Син“, си велеле тие, „слези од крстот.“ „Ако Тој навистина е Христос, избраник Божји, нека се спаси себеси.“ Во пустината на искушението сатаната изјавил: „Ако навистина си Божји Син, заповедај им на овие камења да станат лебови.“ „Ако си Божји Син, фрли се долу“, од врвот на храмот (Матеј 4,3.6). Сатаната со своите ангели престорени во луѓе бил присутен крај крстот. Сатаната со своите војски соработувал со свештениците и со поглаварите. Учителите на народот го поттикнувале неукиот џган да изрече суд над Оној кого мнозина од нив никогаш не го виделе сè додека не биле наговорени да сведочат против него. Свештениците, поглаварите, фарисеите и окоравениот џган се соединиле во сатанската избезуменост. Верските поглавари се соединиле со сатаната и со неговите ангели. Ги извршувале неговите налози.
Исус, кој страдал и умирал, чул секој збор што го изговориле свештениците: „Спасуваше други, а себеси не може да се спаси! Христос Царот на Израел! Нека слезе сега од крстот, да видиме и да поверуваме!“ Христос можел да слезе од крстот, но затоа што не сакал да се спаси, грешникот има надеж дека гревот ќе му биде простен.
Потсмевајќи му се на Спасителот, луѓето што се сметале за толкувачи на пророштвата ги повторувале токму оние зборови за кои Вдахновението преткажало дека ќе ги изговараат во оваа пригода. Сепак, во своето слепило не виделе дека го исполнуваат пророштвото. Оние кои ги изговарале зборовите: „Тој се надеваше на Бога, нека го избави сега, штом толку го љуби, зашто рече: ‘Божји Син сум!’“ и не претпоставувале дека нивното сведоштво ќе се разнесе низ вековите. Меѓутоа, иако потсмешливо изговорени, овие зборови ги поттикнале луѓето да го истражуваат Писмото како никогаш порано. Мудрите луѓе чуле, истражувале, размислувале и се молеле. Имало и такви кои немале мир сè додека, споредувајќи ги текстовите на Писмото, не го согледале значењето на Христовата мисија. Никогаш порано не се распространило толку широко знаењето за Исуса како во мигот кога висел на крстот. Во срцата на мнозина што ја набљу дувале сцената на распнувањето и ги чуле Христовите зборови, засветила светлината на вистината.
Исуса во неговата агонија на крстот го осветлил зрачец на утеха. Тоа била молбата на разбојникот што се каел. Двајцата распнати со Исуса во почетокот го навредувале, а еден во своите страдања станувал уште повеќе очаен и пркосен. Но неговиот другар бил поинаков. Овој човек не бил закоравен злосторник; се нашол на лош пат заведен од лошо друштво; бил помалку виновен од мнозина што стоеле крај крстот и го навредувале Спасителот. Го видел и го чул Исуса и бил осведочен со неговото учење, но свештениците и поглаварите го одвратиле од него. Сакајќи да го задуши осведочувањето, тонел сè подлабоко во гревот, додека не е фатен, обвинет како злосторник и осуден да умре на крст. Во судницата и на патот кон Голгота бил во Исусова близина. Чул како Пилат објавил: „Јас не наоѓам никаква вина на него“ (Јован 19,4). Го забележал неговото божествено држење и неговото милостиво проштавање на неговите мачители. Од крстот видел како мнозина кои се правеле побожни, му се подбивале и го исмевале Господа Исуса. Видел како презриво мафтаат со главите. Чул како неговиот содругар во вината ги прифаќа зборовите на осуда: „Зар не си ти Христос? Спаси се себе си и нас.“ Чул како мнозина меѓу поминувачите го бранат Исуса. Ги чул како ги повторуваат неговите зборови и зборуваат за неговите дела. Во него повторно се појавило осведочување дека овој е Христос. Обраќајќи му се на другиот злосторник, рекол: „Зар немаш страв од Бога, кога и ти исто така си осуден?“ Злосторниците пред смртта не морале повеќе да се плашат од човек. Меѓутоа, едниот го проникнувало осведочување дека постои Бог од кого треба да се бои, иднина што го натерала да се тресе. А сега, неговата животна историја, сета извалкана со грев, само што не завршила. „Ние сме праведно осудени“, воздивнувал, „зашто примаме плата што сме ја заслужиле за нашите дела. Но овој не сторил никакво зло“. (продолжува)