(продолжува од претходниот ден) Исус поучувал во куќата на Петар. Според обичајот, неговите ученици седеле веднаш до него, а „тука седеа фарисеи изаконици кои беа дојдени од сите галилејски и јудејски села и од Ерусалим“. Овие дошле како шпиони да бараат некое обвинување против Исуса. Освен овие службеници, се собрало и најразлично мноштво на ревносни, понизни, сеирџии и неверни. Биле застапени разни народности и сите општествени слоеви. „И силата Господова ги исцелуваше“. Духот на животот се наднел над собирот, но фарисеите и учителите не го препознале неговото присуство. Не чувствувале никаква потреба, па за нив немало исцелувања. „Гладните ги насити со добра, а богатите ги остави со празни раце“ (Лука 1,53).
Оние што го носеле фатениот се обидувале да расчистат пат низ мноштвото, но напразно. Болниот гледал наоколу со неискажлива болка. Кога помошта за која копнеел била толку близу, како може да ја напушти надежта? На негов предлог, пријателите го однеле на покривот од куќата и, отворајќи го покривот, го спуштиле крај Исусовите нозе. Проповедањето е прекинато. Спасителот ја посматрал болната појава и ги видел очите што молезливо го гледале. Го сфатил случајот и го привлекол кон себе тој збунет и сомничав дух. Додека фатениот бил уште дома, Спасителот ја осведочил неговата совест. Кога се покајал поради своите гревови и поверувал во Исусовата исцелувачка моќ , животодавната милост на Спасителот најпрво го благословила неговото срце полно со копнеж. Исус го посматрал првиот зрачок на вера како прераснува во цврсто уверување дека Тој е единствен помошник на грешникот и видел како се засилува со секој напор да стигне во негово присуство.
Сега Спасителот изговорил зборови што допреле до увото на овој страдалник како музика: „Синко, ти се проштаваат гревовите.“
Од душата на овој болен човек е симнат товарот на безнадежност; над неговиот дух почива мир кој произлегува од проштавањето, мир кој го осветлува неговото лице. Исчезнале неговите телесни болки и целото негово суштество е преобразено. Беспомошниот улогавец оздравел. На грешникот му е простено!
Со едноставна вера ги примил Исусовите зборови како среќа на новиот живот. Не поставил никакво ново барање, туку лежел во блажена тишина, пресреќен за да го искаже тоа со зборови. Неговото лице го озарила небесна светлина, а народот ја посматрал оваа сцена со страхопочит.
Рабините неспокојно очекувале да видат како ќе постапи Христос во овој случај. Си спомнувале како овој човек им се обраќал ним за помош и како тие го лишиле од надежта и од сочувството. Незадоволни, изјавиле дека тој носи Божје проклетство поради своите гревови. Сето ова оживеало во нивниот ум кога пред себе го виделе болниот човек. Го забележале интересот со кој сите ја посматрале оваа сцена и почувствувале ужасен страв да не го загубат сопственото влијание над народот.
Овие достоинственици не разменувале меѓусебно зборови туку, посматрајќи го лицето еден на друг, ја читале на нив истата мисла дека е потребно да се стори нешто за да се запре поројот на чувствата. Исус изјавил дека гревовите на фатениот се простени. Фарисеите се фатиле за тие зборови како за богохулство, претставувајќи си себеси дека тоа можат да го прикажат како грев што заслужува смрт. Си велеле во своето срце: „Како може овој да зборува вака? Тој хули. Кој може да проштава гревови, освен Бог“ (Марко 2,7).
Насочувајќи го својот поглед кон нив, од кој се засолниле и се повлекле, Исус рекол: „Зошто размислувате така во своите срца? Што е полесно да му се каже на парализираниот: ‘Ти се проштаваат гревовите’, или да му се каже: ‘Стани, земи ја својата постела и оди!’ Но да знаете, Синот човечки има власт да ги проштава гревовите на земјата.“ Свртувајќи се кон фатениот, рекол: „Стани, земи ја својата постела и оди си дома.“
Тогаш оној што го донеле кај Исуса на носила станал на нозе со еластичност и со сила на момче. Низ неговите вени проструила животодавна крв. Одненадеж почнал да работи секој орган на неговото тело. Бледилото на смртта што се приближувала било заменето со руменило: „Тој стана веднаш, ја зеде постелата, и излезе пред сите, а тие се восхитуваа и го славеа Бога, велејќи: ‘Вакво нешто уште никогаш не сме виделе.’“ (продолжува)