Галилејците што се враќале од Пасха донеле извештај за Исусовите чудесни дела. Судот што го изрекле над неговите дела великодостојниците во Ерусалим му го отворил патот во Галилеја. Многу луѓе се жалеле поради злоупотребите во храмот и поради ненаситноста и дрскоста на свештениците. Се надевале дека овој човек, кој ги натерал поглаварите во бегство, можеби е очекуваниот Ослободител. Сега до нив допреле вестите што изгледа ги потврдувале нивните најсвети очекувања. Се пронесувал глас дека пророкот себеси се прогласил за Месија.

Меѓутоа, народот од Назарет не верувал во него. Поради тоа Исус на својот пат во Кана не го посетил Назарет. Спасителот им изјавил на своите ученици дека пророкот нема чест во своето родно место. Луѓето карактерот го проценуваат според она што можат да го сфатат. Тесноградите и световни луѓе за Христа суделе според неговото скромно потекло, според неговата скромна облека и секојдневната напорна работа. Не можеле да ја проценат чистотата на тој дух на кој немало ниту една дамка на грев.

Вестите за Христовото враќање во Кана набргу се рашириле низ сета Галилеја, донесувајќи им надеж на неволниците и страдалниците. Во Капернаум вестите го привлекле вниманието на еден еврејски благородник кој бил во царска служба. Синот на овој службеник боледувал од болест што изгледа била неизлелчива. Лекарите го оставиле да умре, но кога таткото дознал за Исуса, решил да побара помош од него. Детето било наполно истоштено и се стравувало дека нема да преживее до неговото враќање. Сепак, благородникот чувствувал дека лично треба да го образложи случајот. Се надевал дека молбите на еден татко ќе разбудат сожалување кај големиот Лекар.

Кога стигнал во Кана, Исуса го затекол опкружен со мноштво. Со срце полно со страв се протуркал до Спасителот. Но неговата вера се поколебала кога видел само едноставно облечен човек, прашлив и уморен од пат. Се посомневал дека ова лице е во состојба да ја исполни неговата молба; сепак, добивајќи можност да разговара со Исуса, му кажал зошто дошол и го замолил Спасителот да појде со него во неговиот дом. Меѓутоа, неговата жалост веќе му била позната на Исуса. Пред службеникот да го напушти својот дом, Спасителот ја видел неговата неволја.

Но Тој исто така знаел дека таткото во својот ум го условил своето верување во Исуса. Ако не ја исполни неговата молба, нема да го прифати како Месија. Додека службеникот чекал измачуван со неизвесноста, Исус рекол: „Ако не видите знаци и чуда, не верувате!“

И покрај сите докази дека Исус бил Христос, молителот решил својата вера да ја услови со исполнување на своето барање. Спасителот ова сомнително неверување ѝ го противставил на верата на Самарјаните кои не барале никакво чудо или знак. Неговиот збор, вечно присутен доказ за неговото божество, имал уверлива моќ што допрела до нивните срца. Христа го болело тоа што неговиот народ, на кого му се доверени светите пророштва, ќе пропушти да го чуе Божјиот глас кој им зборува преку неговиот Син.

Сепак, благородникот имал извесна мера на вера, зашто дошол да го побара она што го сметал за најдрагоцен од сите благослови. Но Исус за него имал поголем дар. Сакал не само да го исцели детето, туку службеникот и неговиот дом да ги стори учесници во благословите на спасението и да запали светлина во Капернаум, кој требало мошне бргу да стане поле на неговата работа. Меѓутоа, пред да ја посака Христовата милост, благородникот морал да ја сфати својата потреба. Тој дворски човек претставувал мнозинство во својот народ. Тие биле заинтересирани за Исуса од себични побуди. Се надевале дека од неговата сила ќе извлечат некоја посебна корист и својата вера ја насочиле кон добивање на оваа привремена помош, а не ја препознале својата духовна болест и не ја виделе својата потреба од божествена милост.

Како блескотна светлина, зборовите на Спасителот, упатени до благородникот, го разоткриле неговото срце. Увидел дека Исуса го бара од себични побуди. Неговата колеблива вера се појавила пред него во својот вистински карактер. Со длабока болка сфатил дека неговото сомневање би можело да го однесе синот во смрт. Знаел дека се наоѓа во присуство на Оној кој може да ги чита мислите и на кого му е можно сè. Со длабока душевна болка извикнал понизно молејќи: „Господине, слези пред да ми умре детето!“ Неговата вера цврсто се фатила за Христа, како што го сторил тоа и Јаков кога, борејќи се со ангелот, извикнал: „Нема да те пуштам додека не ме благословиш“ (1. Мојсеева 32,26). (продолжува)

Pin It on Pinterest