Исус одредил да се сретне со своите ученици во Галилеја и набргу по пасхалната седмица тие се упатиле таму. Нивното отсуство од Ерусалим за време на празникот би се толкувало како неверство и како ерес и затоа останале до крај; но штом празникот поминал, радосно се вратиле во родното место според упатството на Спасителот да се сретнат со него.
Во друштво биле седум ученици. Биле облечени во скромна рибарска облека; сиромашни во световни добра, биле богати во познавањето и во применувањето на вистината, што во очите на Небото им давало највисока положба како учители. Тие не биле ученици во пророчките школи, но три години ги поучувал највисокиот Воспитувач за кого светот кога и да е знаел. Со неговите поуки станале благородни, разумни и издигнати, орудија преку кои луѓето можеле да се запознаат со вистината.
Христос многу време од својата служба поминувал крај Галилејското Море (езеро). Кога учениците се собрале на местото на кое веројатно нема да бидат вознемирувани, сфатиле дека ги опкружуваат спомените на Исуса и на неговите моќни дела. На ова море Исус одел по огромни бранови да ги спаси кога нивните срца биле исполнети со страв, кога жестоката бура брзала да ги уништи. Овде луњата е смирена со негов збор. Пред нив се простирал брегот на кој нахранил повеќе од десет илјади лица со неколку малечки лебови и риби. Недалеку бил Капернаум, местото на неброени чуда. Додека учениците ја гледале оваа сцена, нивните умови се исполнувале со зборовите и со делата на Спасителот.
Квечерината била пријатна, а Петар, кој сè уште ги сакал чамците и риболовот, предложил да отпловат на морето и да ги фрлат мрежите. Сите биле готови да ја прифатат оваа замисла. Им недостигала храна и облека, па во тоа би им помогнал успешниот ноќен риболов. Отпловиле со својот чамец но ништо не уловиле. Цела ноќ работеле напорно, но без успех. Во текот на тие заморни часови разговарале за својот отсутен Господ и си спомнувале за красните настани од неговата служба крај морето за кои биле сведоци. Расправале за својата иднина и се ожалостиле поради изгледите што биле пред нив.
Сето време еден осамен Набљудувач на брегот ги следел со својот поглед, додека самиот останал невидлив. Најпосле осамнала зора. Чамецот со учениците бил малку оддалечен од брегот и тие виделе некој Странец кој им се обратил со прашањето: „Деца, уловивте ли нешто?“ „Не!“ одговориле: Тогаш Тој им рекол: „Фрлете ја мрежата на десната страна на чамецот и ќе фатите. Така, ја фрлија, и веќе не можеа да ја извлечат од мноштво риби.“
Јован го препознал Странецот и му рекол на Петар: „Тоа е Господ.“ Петар бил толку восхитен и толку радосен, што во својата ревност скокнал во водата и набргу стоел крај својот Учител. Другите ученици дошле во чамецот, влечејќ и ја мрежата со риби. „Кога излегоа на брегот, видоа леб, разгорен жар и на него риба.“
Биле премногу изненадени за да прашаат од каде потекнуваат огнот и храната. „Донесете од рибите што ги уловивте сега!“ Петар побрзал до мрежата што ја фрлил и им помогнал на своите браќа да ја извлечат на брегот. Кога ја завршиле работата и извршиле подготовка, Исус ги повикал учениците да дојдат и да јадат. Додека им ја приготвувал и им ја делел храната, сите седуммина го препознале и го признале. Во нивниот ум се обновило чудото кога на падините на брегот нахранил пет илјади луѓе; но ги обзела страхопочит, па во тишина, втренчено го гледале својот воскреснат Спасител. (продолжува)