Јован Крстителот сега проповедал и крштавал во Витовара, отаде реката Јордан. Недалеку од ова место, додека Израел не преминал преку, Бог ја запрел реката во нејзиниот ток. Малку понатаму тврдината Ерихон ја урнале небесни војски. Во овој миг споменот на тие настани повторно оживеал и поттикнал жив интерес за веста на Крстителот. Нема ли Оној, кој во минатите векови дејствувал толку чудесно, повторно да ја покаже својата сила за ослободување на Израел? Тоа биле мисли што го поттикнувале срцето на народот кој секојдневно се собирал на бреговите на Јордан.
Јовановото проповедање толку длабоко го зафатило народот, што предизвикало внимание кај верските власти. Плашејќи се од востание, Римјаните сомнително набљудувале секое собирање на народот, и сè што укажувало на организирање на народот предизвикувало страв кај еврејските поглавари. Јован не ја признавал власта на Синедрионот и не барал одобрение од нив за својата работа, корејќи ги еднакво поглаварите и народот, фарисеите и садукеите. Па сепак, народот ревно го следел. Интересот за неговата работа постојано растел. Иако не му се приклонувал нему, Синедрионот сметал дека тој како јавен учител бил под негова надлежност.
Ова тело го сочинувале членови бирани од свештенството, од врховните поглавари и од народните учители. Првосвештеникот обично бил претседател. Сите членови требало да бидат луѓе во поодминати години, но не стари, луѓе кои не само што ја познавале еврејската вера и историја, туку да имаат општо знаење. Морале да бидат без телесни мани, женети и татковци, бидејќи се сметало дека така ќе бидат почовечни и попромислени од другите. Нивно место за состаноци била една просторија поврзана со ерусалимскиот храм. За време на еврејската независност Синедрионот бил највисок народен суд со световна и црковна власт. Иако сега потчинет на римските намесници, тој сè уште имал силно влијание врз граѓанските и верските прилики.
Синедрионот не можел да го одложи истражувањето на Јовановата работа. Поединци си припомнувале за откровението дадено на Захарија во храмот и на пророштвото на татко му кое кажувало дака неговото дете ќе биде весник на Месија. Во метежите и промените што се случиле во текот на триесетте години, ова во голема мера се загубило од вид. Сега пак оживеало во сеќавањето поради возбудата предизвикана со работата на Јована.
Одамна Израел немал пророк, одамна не се видела таква реформа каква што била сега во тек. Барањето за исповедање на гревовите изгледало ново и поттикнувачко. Многу водачи не сакале да одат и да ги слушаат Јовановите повици и јавните обвинувања, зашто тоа би ги открило тајните на нивниот личен живот.
Сепак неговото проповедање било непосредно објавување на Месија. Било добро познато дека седумдесетте седмици од пророштвото на Даниел, што го опфаќале и доаѓањето на Месија, се речиси при крај и сите биле желни да учествуваат во таа ера на народна слава што се очекувала тогаш. Одушевувањето на народот било толку силно што Синедрионот бил присилен да ја прифати или да ја отфрли Јовановата работа. Власта на Синедрионот над народот станувала сè послаба. Станало сериозно прашање како да ја одржи својата положба. Со надеж дека ќе дојде до некаков заклучок, била пратена на Јордан делегација од свештеници и Левити да поразговараат со новиот учител.
Кога се приближиле пратениците, големо мноштво ги слушало неговите зборови. Горделивите рабини дошле со извештачен авторитет пресметан да остави впечаток врз народот и да предизвика попуштање кај пророкот. Мноштвото им направило пат, покажувајќи знаци на почит, речиси со страв. Угледните луѓе, во скапоцени облеки, горди на својата положба и моќ , застанале пред пророкот од пустината.
„Кој си ти?“, прашале.
Знаејќи какви биле нивните мисли, Јован одговорил:
„Јас не сум Христос.“
„Тогаш кој си? Дали си Илија?“
„Не сум.“
„Дали си очекуваниот пророк?“
„Не сум.“
„Па кој си, за да можеме да им кажеме на оние што нè пратија? Што велиш ти за себеси?“
„Јас сум глас на оној што вика во пустината: ‘Израмнете го патот Господен, како што кажа пророк Исаија.’“
Зборовите на кои се повикал Јован се однесувале на она прекрасно пророштво на Исаија: „Тешете го, тешете го мојот народ, вели вашиот Бог. Зборувајте му на срцето на Ерусалим, јавете му дека неговото робување е завршено, дека му е простено беззаконието… Вика еден глас: ‘Подгответе му го на Господа патот низ пустината, израмнете му ја на нашиот Бог патеката во пустелијата. Нека се издигнат сите долини и нека се спуштат сите брегови и гори. Нека се израмни што е нерамно и стрмнините нека станат рамни. Тогаш ќе се открие славата Господова и ќе ја види секое тело’“ (Исаија 40,15) (продолжува)