(продолжува од претходниот ден) Го повикале во својот град и го молеле да остане со нив. Два дена престојувал во Самарија и мноштво други поверувале во него.

Фарисеите ја презирале Исусовата едноставност. Преминувале преку неговите чуда како да не постоеле и барале знак дека Тој е Божји Син. Меѓутоа, Самарјаните не барале никаков знак и Исус не сторил никакво чудо меѓу нив, освен што ѝ ја открил тајната на животот на жената на бунарот. Сепак, мнозина го примиле. Во својата нова радост ѝ рекле на жената: „Сега не веруваме поради твоето кажување, зашто самите чувме и знаеме дека Овој навистина е Спасител на светот.“

Самарјаните верувале дека Месија треба да дојде како Откупител не само на Евреите, туку и на цел свет. Светиот Дух преткажал преку Мојсеја дека Тој ќе биде пророк пратен од Бога. Преку Јакова е објавено дека ќе му се покорат народите, а преку Аврама дека во него ќе бидат благословени сите народи на земјата. На овие текстови од Светото писмо народот на Самарија ја темелел својата вера во Месија. Евреите погрешно ги толкувале подоцнежните пророци, припишувајќи му ја на првото Христово доаѓање славата на неговото второ доаѓање. Тоа ги навело Самарјаните да ги отфрлат сите свети списи, освен оние што се дадени преку Мојсеја. Меѓутоа, бидејќи Спасителот ги отфрлил сите овие погрешни толкувања, мнозина ги прифатиле подоцнежните пророштва и Христовите зборови за Божјето царство.

Исус почнал да го урива ѕидот што ги разделувал Евреите и незнабошците и да му го проповеда спасението на светот. Иако бил Евреин, слободно се мешал со Самарјаните, занемарувајќи ги фарисејските обичаи во својот народ. Наспроти нивните предрасуди, го прифатил гостопримството на овој презрен народ. Спиел под нивни покриви, јадел со нив на нивните трпези, се служел со храната што ја приготвиле и служеле нивните раце. Учел на нивните улици и постапувал со нив со голема љубезност и доброта.

Во ерусалимскиот храм еден низок ѕид го делел предворјето од сите други делови на тоа свето здание. На овој ѕид се наоѓале натписи на разни јазици што предупредувале дека на никој друг, туку само на Евреите им е дозволено да ја преминат оваа граница. Кога некој незнабожец би се осмелил да влезе во внатрешноста на храмот, тој со тоа би го осквернил и престапот би го платил со животот. Меѓутоа, Исус, основачот на храмот и на неговата служба, ги привлекувал незнабошците кон себе со врски на човечко сочувство, додека неговата божествена милост им донела спасение што Евреите го отфрлиле.

Исусовиот престој во Самарија бил замислен да биде благослов за неговите ученици кои сè уште биле под влијание на еврејскиот фанатизам. Сметале дека приврзаноста кон сопствениот народ бара од нив негување на непријателство кон Самарјаните. Се чуделе на Исусовото однесување. Не можеле да одбијат да го следат неговиот пример и за овие два дена во Самарија нивните предрасуди ги зауздувала верноста кон него; но сепак, во срцето не се помириле. Многу полека учеле дека нивното омаловажување и омраза мора да бидат заменети со сомилост и сочувство. Но по Господовото вознесение, неговите поуки излегле пред нив со ново значење. По излевањето на Светиот Дух си припомнувале за погледот на Спасителот, за неговите зборови, за почитувањето и за нежноста во своето однесување кон овие презрени странци. Кога отишол во Самарија да проповеда, Петар го внесувал истиот дух во својата работа. Кога Јован е повикан во Ефес, во Смирна, си спомнувал за искуството кај Сихем и му бил благодарен на божествениот Учител кој, гледајќи ги однапред тешкотиите со кои ќе мора да се соочат, им помогнал со својот личен пример. (продолжува)

Pin It on Pinterest