(продолжува од претходниот ден) Христовите непријатели барале чудо како доказ за неговото божество. Имале неспоредливо поголем доказ од кој и да е што го барале. Како свирепоста што ги спуштила неговите мачители под човечкото достоинство и ги сторила слични на сатаната, така кротоста и трпението го издигнале Исуса над човечкото и го докажале неговото сродство со Бога. Неговото понижување било гаранција за неговото извишување. Капките крв, што во претсмртните маки течеле од неговите ранети слепоочници низ лицето и брадата, биле гаранција за неговото помазание „со масло на радост“ (Евреите 1,9) како наш голем Поглавар свештенички.
Бесот на сатаната бил голем кога видел дека сите малтретирања на кои бил изложен Спасителот не изнудиле ниту најмалечко мрморење од неговите усни. Иако зел човечка природа на себе, бил засилен со божествената сила и во ништо не се оддалечил од волјата на својот Отец.
Кога Пилат го предал Исуса да биде камшикуван и навредуван, мислел дека ќе предизвика сожалување кај мноштвото. Се надевал дека народот тоа ќе го смета за доволна казна. Сметал дека ќе биде задоволена дури и злобата на свештениците. Но проникливите Евреи ја забележале слабоста во казнувањето на Човекот кој бил прогласен за невин. Знаеле дека Пилат се обидува да му го спаси животот на Заробеникот, па решиле Исус во никој случај да не биде ослободен. За да ни угоди и да нè задоволи, Пилат го изнатепа, си мислеле, па ако вршиме притисок сè до решавачкиот миг, сигурно ќе ја постигнеме целта.
Сега Пилат пратил да го доведат Варава во судницата. Потоа еден до друг ги извел пред народот двајцата затвореници и, укажувајќи на Спасителот, рекол со свечен глас: „Еве го Човекот!“ „Еве, го изведувам пред вас, за да знаете дека не наоѓам никаква вина во него.“
Тука стоел Божјиот Син, носејќи подбивна облека и трнов венец. Соблечен до појас, неговите плеќи биле покриени со страшни модрици од кои постојано течела крв. На окрвавеното лице се видела премаленост и болка. Неговиот изглед никогаш не бил поубав одошто тогаш. Лицето на Спасителот не било изменето пред неговите непријатели. Со секоја црта изразувал благо спокојство и најнежна сомилост кон своите сурови непријатели. Во неговото однесување немало кукавичка слабост, туку сила и достоинство на долго трпение. Затвореникот крај него бил сушта спротивност. Секоја црта на лицето на Варава оддавала закоравен разбојник каков што навистина и бил. Спротивноста му зборувала на секој набљудувач. Некои од присутните плачеле. Додека го гледале Исуса, нивните срца биле исполнети со сочувство. Дури и свештениците и поглаварите биле осведочени дека навистина е она што го тврдел за себе.
Римските војници што го опкружувале Христа не биле сите толку тврдокорни; некои сериозно го набљудувале неговото лице, барајќи доказ дали навистина е злосторник или опасен виновник. Повремено би се свртиле и со презир би го погледнале Варава.
Не била потребна некоја голема набљудувачка дарба за потполно да го проникнат. Повторно се свртиле кон Оној што се наоѓал на судот. Го гледале божествениот Страдалник со чувство на длабоко сожалување. Христовата тивка покорност втиснала во нивните мисли сцена што никогаш нема да се избрише сè додека не го признаат како Христос или ќе го отфрлат и со тоа ќе ја решат својата судбина.
Пилат бил восхитен со трпението на Спасителот без офкање. Не се сомневал дека изгледот на овој Човек, наспроти Варава, кај Евреите ќе разбуди сочувство. Меѓутоа, не ја сфатил фанатичната омраза на свештениците кон него кој, како Светлина на светот, сторил да излезе на виделина нив ното мракобесие и нивната заблуда. Го разјариле џганот, па свештениците, поглаварите и народот повторно го подигнале својот глас со овој страшен извик: „Распни го, распни!“ Нај после, губејќи секакво трпение поради нивната неразумна свирепост, Пилат очајно извикал: „Земете го вие и распнете го, зашто јас не наоѓам вина во него.“
Римскиот намесник, иако навикнат на свирепи сцени, чувствувал сочувство кон измачениот Затвореник, кој, иако осуден и камшикуван, со крваво чело и со изранети плеќи, сè уште се држел како цар на престол. Меѓутоа, свештениците изјавиле: „Ние имаме закон и според законот Тој мора да умре, зашто се правеше Божји Син.“
Пилат бил вџашен. Немал вистинска претстава за Христа и за неговата мисија; но имал нејасна вера во Бога и во суштества повозвишени од човечкиот род. Мислата што порано поминала низ неговиот ум сега добила поодреден облик. Се прашал дали пред него можеби не стои божествено суштество, облечено во подбивна пурпурна облека и крунисано со трнов венец. (продолжува)