Кога стигнале во Ерусалим, двајцата ученици поминале низ источната капија која за време на празникот е отворена ноќе. Куќите потонале во мрак и тишина, но патниците оделе низ тесните улици осветлени со светлината на месечината што изгревала. Се упатиле во Горната соба во која Исус ги поминал миговите на последната вечера пред својата смрт. Знаеле дека овде ќе ги најдат своите браќа. Иако било доцна, знаеле дека учениците нема да заспијат додека сигурно не дознаат што се случило со телото на нивниот Господ. Вратата на собата била цврсто заклучена. Тропале за да ги пуштат, но немало одговор. Сè било мирно. Тогаш ги кажале своите имиња. Вратата внимателно е отклучена. Влегле, но со нив влегол уште еден невидлив. Потоа вратата повторно е заклучена за да не влезат шпиони.
Патниците ги затекле сите присутни изненадени и возбудени. Гласовите на оние во просторијата бргу се слеале во заедничка благодарност и славење, велејќи: „Навистина Господ воскресна и му се јави на Симона.“ Тогаш двајцата патници, задишени од брзото одење, изнеле восхитувачки извештај за тоа како Исус им се открил. Штотуку завршиле а некои рекле дека не можат да поверуваат во тоа, зашто премногу е убаво за да биде вистинито, кога, наеднаш, пред нив застанува едно друго лице. Секое око било приковано за Странецот. Никој не тропнал да влезе. Не се слушнале никакви чекори. Учениците биле изненадени и се прашувале што значи тоа. Тогаш слушнале глас што можел да биде само гласот на нивниот Учител. Јасно и разбирливо од неговите усни излегле зборовите: „Мир вам!“
„А тие, збунети и уплашени, мислеа дека гледаат дух. А Тој им рече: ‘Зошто сте збунети и зошто се јавуваат сомнежи во вашите срца? Погледнете ги моите раце и моите нозе Јас сум истиот! Допрете ме и уверете се, зашто дух нема месо и коски а, како што гледате, јас имам.’ А кога го рече тоа, им ги покажа рацете и стапалата.“
Ги набљудувале рацете и нозете сурово повредени со грубите клинови. Го препознале неговиот глас кој не бил сличен на ниеден друг што кога и да е го чуле. „А бидејќи тие од радост уште не веруваа, туку се чудеа, им рече: ‘Имате ли тука нешто за јадење?’ И му дадоа парче печена риба. Тој ја зеде и ја јадеше пред нив.“ „Учениците се израдуваа кога го видоа Господа.“ Неверството се заменило со вера, со радост и со длабоки чувства што не можат да се искажат со зборови, и го признале својот воскреснат Спасител.
При Исусовото раѓање ангелот објавил: „Мир на земјата и меѓу луѓето добра волја.“ А сега, при неговата прва појава меѓу учениците по воскресението, Спасителот им се обратил со благословените зборови: „Мир вам!“ Исус секогаш е готов да повика мир за душите што се оптоварени со сомневања и страв. Тој чека да му ја отвориме вратата на срцето и да кажеме: Остани со нас. Тој вели: „Еве, стојам пред вратата и тропам; ако некој го чуе мојот глас и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со мене“ (Откровение 3,20).
Исусовото воскресение било слика на конечното воскресение на сите што починале во него. Ликот на воскреснатиот Спасител, неговото однесување, неговиот говор, сето тоа им било познато на учениците. Како Исус што станал од мртвите, така и оние што спијат во него повторно ќе станат. Ние ќе ги знаеме нашите пријатели онака како што го познавале учениците Исуса. Тие можат да бидат изобличени, болни или обезобразени во овој земен живот, но ќе станат со совршено здравје и убавина. Сепак, во прославеното тело совршено ќе се сочува особеноста на нивната личност. Тогаш ќе познаеме како и ние што сме познати (1. Коринќаните 13,12). Во лицето што ќе блескоти со светлина која зрачи од Исусовото лице, ќе ги препознаеме цртите на лицата на оние што ги сакаме.
Кога се сретнал со своите ученици, Исус ги потсетил на зборовите што им ги зборувал пред својата смрт, дека сè што е пишано за него во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите, мора да се исполни. „Тогаш им го отвори умот за да ги разберат Писмата, и им рече: ‘Напишано е дека Христос треба да настрада и да воскресне од мртвите во третиот ден, и да биде навестувано во негово име покајание и проштавање на гревовите на сите народи, почнувајќи од Ерусалим.’ Вие сте сведоци на тоа.“
Учениците почнале да ја сфаќаат природата и обемот на своето дело. Требало да му ги објават на светот прекрасните вистини што им ги доверил Исус. Настаните од неговиот живот, неговата смрт и воскресението, пророштвата што укажувале на овие настани, светоста на Божјиот закон, тајните на планот на спасението, Исусовата моќ да ги проштава гревовите за сето ова биле сведоци па истото требало да му го објават на светот. Требало да го објават евангелието на мирот и спасението што се добива со покајание и со силата на Спасителот. (продолжува)